Реакција на ОО СДСМ Струмица

Ви го пренесуваме во целост интегралниот текст од реакцијата на ОО СДСМ Струмица соопштена од Костадин Костадинов, член на Советот на општина Струмица од коалицијата „Сојуз за иднината“:

press SDSM

„Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

Денес пред зградата на општина Струмица се случи политичко парадирање на членовите на Советот на општина Струмица од редовите на ВМРО ДПМНЕ, кои во улога на некакви душегрижници за развојот на општината, одржаа прес конференција, по  која доставија барање со листа на предлог проекти за буџетот на општината за  2016 година. Таквото барање го доставија до замислете и до Советот на општина Струмица. Тоа значи дека советниците од ВМРО ДПМНЕ си доставуваат барање сами до себе, со оглед на тоа дека се рамноправни чинители во донесувањето на одлуки во Советот.

Се поставува прашањето дали советниците од ВМРО ДПМНЕ не планираат да присуствуваат на седницата на која ќе се донесува Буџетот на општина Струмица. Ако присуствуваат, тогаш зошто им беше потребна денешната парада, кога сите тие предлози можат да ги предочат на самата седница.

Инаку, од првото читање на поднесените предлози, станува совршено јасно дека Советниците на ВМРО ДПМНЕ се изгубени во времето и просторот, на што укажуваат бројните паушални и недефинирани предлози, неколкуте констатации за наводни проблеми  без предлог решенија и слични недоследности.

Наместо сами себе да си одговорат зошто на одржаните средби по Месните заедници им доаѓаа едвај по неколку граѓани кои се бројат на прсти, како соодветен одговор на прашањето – што мислат граѓаните за политиките на ВМРО ДПМНЕ, советниците денес неуспешно глумеа загриженост за прогресот на најпрогресивната општина во државата. Добро е, што сепак признаа дека градоначалникот прифаќа значаен дел од нивните предлог проекти, што не е случај во ниедна друга општина во Македонија, каде локалната власт е во рацете на ВМРО ДПМНЕ.

Што се однесува пак до оние малку нереализирани проекти, ја информираме јавноста дека тековната година сеуште не е завршена, што подразбира и реализација на  планирани проекти за 2015 год. Што уште би требало да знаат советниците – советниците од ВМРО ДПМНЕ би требало да знаат дека дел од нив не се реализирани поради кочничарските законски лавиринти на Владата, а дел поради пренамената на средства за проекти кои беа обврска на Владата, а мораше да ги реализира општина Струмица, како што беше случајот со училиштето во Свидовица.

И за крај имаме два добронамерни совета до струмичките советници на ВМРО ДПМНЕ. Прво, пред да го повикаат градоначалникот да дојде во Струмица, нека ја отворат веб страната на општина Струмица за да се запознаат со сите негови лични активности, како и реализирани средби за  меѓународна соработка за доброто на општината.

И второ, би било повеќе од чесно да го променат името на Коалицијата за подобра Македонија. За каква подобра Македонија зборуваат тие, кога Македонија и нејзините граѓани се за жалење и плачење, токму по „заслуга“ на таа коалиција.”

https://www.youtube.com/watch?v=6xagxUT28WI

Comments are closed.

Web