СТРУМИЧАНИ ВООДУШЕВЕНИ ОД ФИЛИП ДИМКОСКИ – ОДЛИЧНА ПРОМОЦИЈА НА ,,БОЖИЛАК НА ИСКОНОТ”

Синоќа во просториите на Центарот за култура ,,Антон Панов” во Струмица се одржа промоција на книгата ,,Божилак на исконот” од Филип Димкоски. Младиот гениј ги импресионира присутните со креативната моќ на неговите стихови, докажувајќи дека ,,не би бил ништо на овој бели свет, ако не носиш душа на поет!” Испевајќи ја својата импресија и фасцинација од природата, Филип Димкоски испрати порака до целиот свет да се разбудиме и да ја сакаме природата зашто таа ни е една и единствена.

Промоцијата освен поезија изрецитирана со моќниот сензибилитет на младиот автор,  содржеше и богата уметничка програма која ја реалзираат  членовите на хорот при гимназијата ,,Јане Сандански” под раководство на проф. Анита Станковска кои му одадоа почит на Тоше Проески кој на денешен ден го загуби животот. Програмата ја збогатија моќниот вокал на младиот оперски пејач Стефан Неданоски, триото Ана Глигорова, д-р Александар Глигоров и  д-р Александар Димкоски кои придонесоа сите заедно да ја прославиме љубовта, уметноста, природата, животот, испраќајќи позитивен импулс до целиот свет.

Сценариото за овој настан го подготви таткото на Филип, д-р Александар Димкоски. Водител на програмата беше доајенката на Македонскиот народен театар, фасцинантната Добрила Чабриќ.

Поезијата на Филип Димкоски е преведувана на англиски, грчки, бугарски, хрватски, српски и словенечки јазик, објавена е во повеќе домашни и меѓународни зборници и списанија. Авторот е добитник на повеќе домашни и меѓународни признанија меѓу кои „Млада Струга“ на Струшките вечери на поезијата, „Најталентиран млад учесник“ на Мелничките вечери на поезијата во Бугарија и наградите „Јанош Сивери“ и „Станислав Препрек“ во Србија. Член е на групата „Поети од светот“ во Чиле.

Книгата ,,Божилак на исконот” e избрана за најдобра и наградена со прва награда минатата година на манифестацијата ,,Вознес” во Битола. Авторот неодамна доби награда за најдобар расказ и на почетокот на идната година ќе патува во Израел како амбасадор на мирот и пријателството под покровителство на Амбасадорот на Израел во Република Македонија.

Comments are closed.