Пуштено во употреба помошното игралиште на стадионот „Младост’’

Во пресрет на големиот христијански празник Велигден, општина Струмица го доби првото фудбалско игралиште со вештачка трева. Современиот фудбалски терен на помошното игралиште на стадионот „Младост“ направен по европски терк, денеска, беше местото на кое се собраа градоначалникот Зоран Заев, членови на Советот на општина Струмица, претставници на Фудбалската федерација на Македонија, спортисти, љубители на фудбалот, претставници на јавните институции и граѓани на општината.

VelikiPetok-620x360„Струмица е спортски и фудбалски град и сето тоа го заслужува. Тоа го заслужуваат и сегашните и идните спортисти, особено младите, кои преку спортот ќе вложуваат во сопственото здравје, но и ќе го дадат својот влог за продолжувањето на исклучително богатата спортска традиција на Струмица“, рече во своето обраќање градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, кој заедно со најмладите фудбалери го предадоа во употреба новото фудбалско игралиште.

11149354_764424030340844_6208972201619141373_n

Во знак на благодарност, од името на спортските клубови на градоначалникот Заев му беше врачен дрес на интернационалната фудбалска ѕвезда, Горан Пандев.

Интегрален текст од обраќањето на градоначалникот, Зоран Заев:

11138605_764423333674247_552961358489585176_n

Почитувани претставници на Фудбалската федерација на Македонија, почитувани  спортисти и љубители на спортот, почитувани сограѓани, дами и господа,

Во пресрет на најголемиот христијански празник   Велигден и во очекување на убавата вест за Воскресението Христово, собрани сме во убавиот амбиент на струмичкиот градски парк, за да му се израдуваме на резултатот од еден ангажман кој е во функција на развојот на струмичкиот фудбал и на спортот, воопшто. Денес го предаваме во употреба првото фудбалско игралиште со вештачка трева во Струмица, спортски објект за кој се надевам дека ќе ги даде очекуваните бенефити.  Со тоа помошното игралиште на фудбалскиот стадион „Младост“ добива нов лик и прераснува во современ фудбалски терен по европски терк.

Ова игралиште е плод на проектот во кој како партнери се јавуваат Општина Струмица и Фудбалската федерација на Македонија. Целиот овој проект финансиски тежи околу 430 илјади евра, од кои најголемиот дел од 330 илјади евра ги обезбедува Општина Струмица од свои буџетски средства, а 100 илјади евра во вештачка трева се донација од Фудбалската федерација на Македонија, преку програмата на УЕФА – Хет-трик.

Со потпишувањето на договорот за изградба на игралиштето, Општина Струмица го презеде својот дел од обврските.  Им благодариме на ФФМ што и Струмица ја вклучија во овој убав проект. Најпрвин ги разрешивме имотно-правните односи, ја завршивме процедурата за добивање на трајно користење на локацијата од страна на државата, ја завршивме целосно неопходната урбанистичка и техничка документација, обезбедивме одобрение за градба и преминавме на реализација на сите подготвителни работи во кои спаѓаат израмнување на земјиштето и изградба на соодветен дренажен систем, а со поставувањето на вештачката трева беше  извршено и оградување на игралиштето, како и поставување на неопходната опрема за еден фудбалски терен.

Втората фаза на проектот предвидува изградба на трибина со капацитет од 200 седишта, поставување шест столбови со рефлектори за одигрување ноќни натпревари,  изградба на соблекувални, како и паркинг простор.  Конечниот  изглед на ова игралиште целосно ќе се вклопи во постоечките спортски објекти и во оние кои се во фаза на изградба, со што Струмица ќе го има најубавиот спортски комплекс во државата.  Што сето тоа ќе значи за развојот на фудбалот и на спортот воопшто во нашиов град, може само да се претпостави. Струмица е спортски и фудбалски град и сето тоа го заслужува. Тоа го заслужуваат и сегашните и идните спортисти, особено младите, кои преку спортот ќе вложуваат во сопственото здравје, но и ќе го дадат својот влог за продолжувањето на исклучително богатата спортска традиција на Струмица. Во прилог на тоа е и фактот дека нашиот град за неколку години ќе ја прослави стогодишнината од постоењето на фудбалот во Струмица.

Фудбалските клубови „Беласица“ и „Тиверија“ во својата долгогодишна историја бележеле бројни успеси кои претставуваат гордост на струмичани. Покрај тоа, Струмица е позната како фудбалски расадник од кој израснале голем број фудбалери кои го прославиле струмичкиот и македонскиот фудбал креирајќи богата интернационална кариера.  За жал фудбалот во Струмица доживува криза, но јас сум убеден дека таа криза наскоро ќе биде надмината и струмичкиот фудбал ќе се врати на високото место кое го заслужува. Ова фудбалско игралиште со вештачка трева како едно од десетте такви во државата, меѓу другото ја има и таа важна функција.

Драги пријатели – вљубеници во фудбалот, нека ни е со среќа новото фудбалско игралиште со вештачка трева и нека биде значаен исчекор за враќање на светлите мигови на струмичкиот фудбал. На сите оние кои сега и во иднина ќе уживаат во него, им посакувам многу победи и радости.  Вам, драги гости и сограѓани ви посакувам весели велигденски празници. Нека Христовото Воскресение  ви донесе мир, благосостојба и хармонија во вашите души и семејства.

11149279_764423723674208_7275098597462202166_n 11130296_764422920340955_1748226350526783418_n 1509023_764423980340849_8827672032907427316_n 11130098_764423490340898_8172602132795658697_n 11137146_764424423674138_1330571575857570354_n

Comments are closed.