Советот на општина Струмица ќе добие нова сала

Во просториите на домот на АРМ интензивно се работи на преадаптација и ентериерно уредување на сала на Советот на општина Струмица. Со овој зафат се опфатени 250 метри квадратни, а се реализира со грант од Фондацијата отворено општество Македонија и со средства од општинскиот буџет.

DSC_0086

Според Јосиф Христов, претседател на Советот на општина Струмица, во оваа сала, на седниците на Советот ќе можат да присуствуваат и заинтересирани граѓани.

-Општина Струмица на сала изразувајќи подготвеност и посветеност за  институционална промена и зајакнување на демократијата прифати да биде  дел од реализацијата на концептот „Општина по мерка на граѓаните“.

Оваа соработка  помеѓу општината и Фондацијата отворено општество Македонија започна со потпишување на договор во февруари 2014 година.

Истиот има за цел зголемување на административните и финансиските капацитети на општините, зајакнување на граѓанскиот сектор за активно учество во животот на заедницата, придонес кон добро владеење во образовните институции и активно учество во креирањето на политиките на локално ниво заради транспарентно и отчетно владеење, како и подигање на нивото на квалитет на општинските услуги.

Согласно договорот  за соработка, од страна на Фондацијата отворено општество Македонија, на општина Струмица и е доделен грант од 15.000 американски долари за реновирање, преадаптација и ентериерно уредување на сала за Советот на општина Струмица со една единствена цел создавање европски модел на простор во кој  сите   заинтересирани граѓани ќе ја добијат можноста директно да ја  следат работата на Советот во процесот на носењето на одлуките.

Работата на Советот и досега беше јавна и транспарентна преку директниот пренос кој се вршеше од одржувањето на седниците, но сега истата ќе биде на повисоко ниво, бидејќи и граѓаните ќе можат да присуствуваат на седниците, што за прв пат се прави во општина Струмица и пошироко. Новата сала ќе има корисна површина од 250 метри квадратни. Вкупниот износ за реконструкцијата на салата изнесува 993.088,00 денари од кои 15 илјади американски долари се грант од Фондацијата отворено општество Македонија, а општина Струмица во проектот учествува со 241.799,00 денари.

Реконструкцијата, односно ентериерното уредување на салата која ќе има и други намени е во тек и се планира до крајот на месецот да биде завршена.

Со овој зафат просторот ќе добие модерен европски изглед на конференциска сала која ќе овозможи  нов  амбиент за работа и унапредување на животот на граѓаните во локалната заедница, рече Христов.

Comments are closed.