Советничка група на СДСМ: Напуштањето на седницата е сценариото на Никола Груевски

Советничката група на СДСМ на општина Струмица денеска официјално реагираше по вчерашниот потег на советничката група на ВМРО – ДПМНЕ за напуштање на седницата на Советот поради, како што изјавија, прогласување на нелегитимноста на последните два изборни циклуси од страна на СДСМ, а со тоа и нелегитимност на моменталниот состав на Советот.DSC_9674

„Вчерашниот потег на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ да го напушти Советот, го цениме како дел од сценариото на Никола Груевски за продабочување на политичката криза, што всушност Груевски и го најави во вчерашниот говор’’ – изјавија од советничката група на СДСМ.

Во продолжение интегрален текст од прес конференцијата на советничката група на СДСМ на општина Струмица:

,,Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ не го слушна вчера ставот на СДСМ за непризнавање на изборниот процес, за вчера да ја напуштат седницата на Советот на општина Струмица.

Тој став СДСМ го соопшти пред една година, 27 април 2014 година, во моментот на затворање на изборачките места.

Вчерашниот потег на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, да го напушти Советот, го цениме како дел од сценариото на Никола Груевски за продабочување на политичката криза, што всушност Груевски и го најави во вчерашниот говор.

Никако поинаку не може да се протолкува напуштањето на седницата на Советот од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ и тоа токму во момент на значајни точки на дневниот ред, завршната сметка на Буџетот и Извештајот за работата на општината за 2014 година како и извештаите за работата на јавните претпријатија и институции во општина Струмица.

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ самите знаат дека градоначалникот Зоран Заев работи професионално, како градоначалник на сите граѓани во Струмица. Во декември минатата година, кога се носеше Буџетот на општината за оваа 2015 година, од предложените 192 проекта на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, градоначалникот Заев, како овластен предлагач на Буџетот, прифати дури 134 предлог проекти на ВМРО-ДПМНЕ. Останатите 58, дел не беа во надлежност на општината или веќе беа вградени во развојните планови на општината.

Оттаму, остро се спротивставуваме на сценариото на Груевски, што почна да го реализира од Струмица, во обид да ја спаси сопствената кожа и на неколкумина негови најблиски соработници, со коишто ги правел криминалите и изборните фалсификати.

Се надевме дека нашите колеги советници од ВМРО-ДПМНЕ ќе сфатат дека се само инструмент во рацете на Никола Груевски, кој се обидува да владее со диктат, закани и уцени за лични цели и дека ќе ја преиспитаат нивната одлука.” – изјави Костадин Костадинов, член на Советот на општина Струмица од СДСМ.

Comments are closed.