Претставници од општина Струмица учествуваа на културен настан во Кукуш

Во рамките на спроведувањето на активностите од проектот „Наследство” финансиран од Европската Унија преку ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција 2007 – 2013, во општина Кукуш, Грција, се одржа културен настан на кој учествуваа претставници од општина Струмица, ансамблот „Тримери” и хорот на СОУ “Јане Сандански”

Целта на овој настан беше размена на постоечките практики, искуства и информации за управување и заштита на културното наследство во прекуграничниот регион Струмица – Кукуш. Граѓаните на Кукуш, преку извонредните настапи на ансамблот „Тримери” и хорот на  СОУ „Јане Сандански“, имаа можност да се запознаат со македонските и струмичките песни, ора, обичаи и традиции. На културниот настан, свој настап имаше и музичка група од Кукуш.

Претставниците од Струмица ја посетија старата христијанска црква посветена на Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици и црквата „Св. Ѓорги“.Проектот „Наследство” се имплементира од три проектни партнера: општина Струмица, која е водечки проектен партнер, општина Кукуш и подрачната единица на Кукуш, Грција. Најзначајна активност во овој проект за општина Струмица е конзервацијата, реставрацијата и делумната реконструкција на делови од тврдината ”Цареви кули“.

 

Comments are closed.