Гимназијаците се подготвуваат за хумантитарно – новогодишен концерт

Учениците од СОУ „Јане Сандански” го подготвуваат петтиот хуманитарен новогодишно-божиќен концерт кој ќе се одржи на 4 јануари 2015 година, со почеток во 19:00 часот.
Околу 60-тина музичари на големата сцена во НУЦК „Антон Панов” ќе изведат мултимедијален проект насловен како „Мрак или светлина”. Учениците ќе се најдат во улога на солисти, инструменталисти, хористи, глумци, но и добри танчери.


„Вечниот дуел на мракот и светлината е околу нас во текот на целата година, но секогаш празниците се период кога сечие срце го грее топлина и блеснува светлината на човечката искреност, љубов, радост и среќа. За прв пат тој дуел ќе се изведе на сцена преку филмските ноти испишани со средношколска хуманост и весела музика’’ – велат организаторите на концертот.


Влезницата ќе чини 100 денари, а средствата ќе бидат наменети за лекување на Николина Митева, Мартина Стојкова и Марија Гошева.
„Освен преку симболична влезница, својата хуманост може да ја покажете и со донирање средства пред почетокот на концертот’’ – порачуваат од СОУ „Јане Сандански’’.
Концертот се организира во соработка со Младински совет – Струмица.

Comments are closed.