Децата од „Порака’’ добија новогодишни пакетчиња од градоначалникот Заев

И годинава градоначалникот Зоран Заев традиционално направи средба со децата од Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“. Тој пристустуваше на предновогодишната забава, а на децата од овој центар подари новогодишни пакетчиња.
На средбата градонаалникот откри дека ЦЛПИ „Порака’’ од 2015 година ќе го добие долго очекуваниот дневен центар за деца со посебни потреби, во веќе адаптиран простор во поранешната касарна.
„Со средства на Министерството за труд и социјална политика, и општината како партнер, ќе се финансират двајца стручни луѓе, дефектолог и воспитувач, кои што ќе се грижат за децата. Со тоа дневниот центар кој што беше со неколку часа работно време, ќе биде буквално дневен центар, односно дечињата ќе бидат згрижени од почетокот на денот до попладневните часови и со тоа конечно ќе го исполниме очекувањето на родителите на децата со посебни потреби’’ – рече градоначалникот Заев.


На синоќешната предновогодишна дружба присуствуваа и младите од Младински совет,  вработените и дечињата од Основното училиште „Гоце Делчев’’ од Вељуса кои, исто така, подарија подароци на децата од ЦЛПИ „Порака’’.
„Дојдовме со мали поклони, но затоа донесовме многу големи желби за сите деца, за убави и среќни празници, да им се исполнат сите желби, да ги служи здравјето и да имаат многу среќа. Оваа активност беше дел од проектот кој што се реализира во сите училишта „Заедничка грижа за сите деца“ во кој се вклучени сите родители и наставници и решивме наместо да правиме некоја друга приредба, да направиме една мала хуманитарна акција во која ќе ги посетиме овие дечиња и ќе им посакаме убави желби’’ – изјави Иванка Георгиева, директор на училиштето.

Comments are closed.