Отворена изложбата „Биди креативен – обновливи извори на енергија“

Вчера во просториите на домот на АРМ во Струмица беше отворена изложбата „Биди креативен – обновливи извори на енергија“, како дел од проектот „Кон иднината““ - Студија за потенцијалот и искористување на обновливите извори на енергија во прекуграничниот регион кој е финансиран од третиот повик на ИПА програмата на ЕУ за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија.

Изложбата ја отвори Жулиета Ѓуркова, директор на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, а на присутните им се обрати и Јосиф Христов, претседател на Советот на општина Струмица.

„Искрено се надевам дека Центарот за развој на Југоисточниот плански регион и Асоцијацијата на југозападни општини од Благоевград, како проектни партнери, ќе имаат одлична соработка, со цел – целосна реализација на предвидените проектни активности. Живееме во време во кое целокупниот институционален и човечки потенцијал, треба да има сериозен пристап кон енергијата, која е насушна потреба на секоја заедница и општество, но и на човештвото во глобални рамки. Поради тоа, овој Ваш проект е од големо значење за нашиот регион. Особено радува фактот што во истиот е вклучена и најмладата категорија граѓани, а тоа се децата, односно учениците, со што се зголемува нивната свест за енергетската ефикасност и искористувањето на еко ресурсите, како услов за подобар и поквалитетен живот на идните генерации. Во таа смисла, изразувам јавна поддршка на денешната изложбена активност, а истовремено, од мое лично име, од името на Советот на општина Струмица и од името на градоначалникот Зоран Заев, ги поздравувам учесниците во истата од Општинските основни училишта ,,Никола Карев,, од Радовиш, ,,Владо Кантарџиев,, од Гевгелија и ,,Видое Подгорец,, од Струмица. Ви посакувам успешна реализација на оваа и на сите наредни активности од споменатиот проект“ рече во своето обраќање Христов.

На изложбата беа презентирани вкупно 60 дела, по 20 на ученици од основните општински училишта „Видое Подгорец“ од Струмица, „Никола Карев“ од Радовиш и „Владо Кантарџиев“ од Гевгелија. На најдобрите им беа доделени награди.

Comments are closed.