Граѓаните на Струмица ќе го поддржат протестот

Од 1 јануари, на сметка на државата ќе одат најмалку 35 проценти од секој хонорар по договор на дело или авторски договор, освен ако не сте врвен спортист, пензионер, државен функционер или судија.

Оние кои имаат примања врз основа на договори на дело и авторски договори, односно т.н. хонорари, за два месеца отсега ќе се соочат со ситуација во која од сумата на хонорарот ќе треба да бидат одземени, не како досега само персоналниот данок од 10 отсто туку и придонесите за пензиско и инвалидско и за здравствено осигурување. Заедно со персоналниот данок, оптоварувањето на хонорарите ќе изнесува над 35 отсто од сумата. Придонеси ќе се плаќаат за хонорарите кои го надминуваат износот на минималната плата, односно од околу 9.500 денари.

Во практика, ова значи дека од следната година за хонорар во бруто износ од, на пример, 30.000 денари, оној што ја дава услугата ќе добие околу 20.000 денари, а на сметка на државата ќе легнат околу 10.000 денари.

Што исискува сето тоа?

1)      Загрозени се хонорарните работници во прикриен работен однос (новинари и други). Тие треба да вршат работа според договор за вработување, а не според договор за хонорар. Но, нивните работодавачи, за да заработат дополнително врз основа на неплаќање придонеси од плата, годишен одмор, боледувања итн., наместо како редовно вработени, ги ангажираат како хонорарни работници.

2)      Загрозени се хонорарните работници кои по природата на работата работат хонорарно (преведувачи, ангажирани на проект и други). Во нивниот случај често не постои работодавач кој може да ги ангажира во редовен работен однос и тие се принудени од прилика до прилика, кога ја има, кога ја нема, да прибираат пари за да можат да заработат за пристоен живот, а често и тоа не го можат.

3)      Загрозени се редовно вработените лица кои вршат дополнителна работа хонорарно. Тие имаат редовно вработување, а хонорарите им се дополнителен извор на финансии. Иако најмалку засегнати, и нивното осиромашување не смее да се занемари. Платите во Македонија за огромното мнозинство од населението станаа недоволни за пристоен живот. Во таква ситуација ретките прилики за хонорарен ангажман за овие лица не значат нивно збогатување, туку само нешто попристоен живот за нив и нивните семејства.

4)      Загрозени се сите идни вработени и сите сегашни вработени во редовен работен однос. Новите законски измени ќе им овозможат на работодавачите, исполнувајќи си ги сите финансиски обврски кон државата, сосема легално да склучуваат договор за хонорар наместо договор за вработување со лицата кои работно ги ангажираат. Дури е можно и на своите сегашни вработени да им го сменат договорот за вработување со договор за хонорар. На тој начин, тие, без да бидат попречени од државата, кон која ќе си ги намират финансиските обврски, ќе можат да заштедат на грбот на вработените врз основа на неисплата на надоместоци за годишен одмор, надоместоци за боледување, задолжителни систематски прегледи, отпремнини за лицата кои ги отпуштаат и друго, како и да ги лишат вработените од правата гарантирани со Законот за работни односи и другите закони кои регулираат права од работен однос.

Граѓаните на Струмица ќе го поддржат протестот против плаќање на придонеси за хонорари. Истиот ќе се одржи на 22 Декември, понеделник во Скопје, пред Жена Парк. Ги повикуваме сите засегнати граѓани кои сакаат да го искажат своето незадоволство и несогласност против новите измени во Законот за работни односи. Заинтересираните можат да се пријават на  мејл адресата protestzahonorarisr@gmail.com до сабота до 10 часот.

За протестот во понеделник има организирано бесплатен превоз, со тргнување во 08.00 часот, а местото на тргнување ќе се објави дополнително.

Comments are closed.