СДСМ одржа трибина во Струмица, Заев го повика премиерот на ТВ дуел

Во полната сала на НУЦК „Антон Панов” синоќа се одржа трибина на Социјадемократскиот сојуз на Македонија. На трибината прусуствува лидерот Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Андреј Жерновски и пратениците на СДСМ од Струмица Панче Орцев, Марјан Даскаловски и Цветанка Иванова.

Зоран Заев го повика премиерот Груевски на ТВ дуел, со зборовите каде и на кој медиум сака.

Оваа е дел од говорот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев во Струмица.

„Го гледам Груевски секој ден, како на кој било начин фрла дрва и камења против опозицијата. Осум и пол години сме опозиција и до ден денеска СДСМ е виновен за се и сешто.

Но никако човекот да се охрабри и да прифати дебата, дуел. Го повикуваме во секој можен момент и вечерва пак ќе го повикам. Каде сака, на Сител, на Канал 5, на МТВ, на сите заедно, да отвориме дебата, да разговараме за прашањата во Македонија.

Ако сака натпревар на идеи и проекти и за тоа ќе зборуваме. Од сите страни гледа како да изменаџира тонење на државата, но никако да прифати дебата и дуел.

Можеме да споредуваме, ако сака идеи, проекти, конкретни дела, па можеме и истовремено да му кажеме дека во Струмица може да му отвориме и бесплатно училиште, нема да има екстерно во тоа училиште, но ќе може да му дадеме бесплатни лекции за многу прашања.

Да му кажеме како се води една општина и се решаваат општествени проблеми, без ниту еден денар кредит. Да му кажеме што значи гасификација и како може овој проект да функционира и во општините и во Македонија. Како се градат подземни улици, но на крајот да му покажеме што е слобода и демократија, што е дебата,  како се води општество без закани и уцени. Како е да дебатирате со политичкиот противник, и од 54 амандмани за оваа буџетска 2014 година, при носењето на буџетот лани во декември, 52 да бидат прифатени иако доаѓаат од опозицијата. Зошто? Оти се проблеми на граѓаните и треба да се решаваат.

Да покажеме дека ниту еден граѓанин не се враќа, кога му треба решение на неговиот проблем и треба неговата општина да помогне. Да му покажеме што значи нормална состојба во општеството, за разлика од тоа што денес го имаме во Македонија.

Она што го најавивме, кога ќе почне нема да застане. Првото ќе биде доволно да замине оваа власт. Второто ќе биде појако од првото, за неколку дена. После неколку дена ќе се случи и трета бомба, појака од втората, па за три четири дена ќе се случи и четврта, појака од третата, и нема да застане додека злото не замине” – изјави Заев.

Comments are closed.