Прес средба со членовите на делегацијата од Електростаљ

Денеска во салата за седници на Советот на општина Струмица се одржа прес средба со членовите на делегацијата на градскиот округ Електростаљ од московската област на Руската федерација, која е во петдневна официјална посета на општината. На средбата, покрај претставниците на медиумите и гостите од збратимениот Електростаљ, присуствуваа претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов, членови на Советот и претставници на општинската администрација. Претседателот на Советот, Јосиф Христов, откако ги претстави членовите на делегацијата, информираше за досегашниот тек на посетата, а гостите ги презентираа впечатоците од неколкудневниот престој во Струмица.

Елена Миткина, раководител на секторот за образование на Електростаљ, рече дека е голема чест да се биде гостин во градот Струмица. Се заблагодари на градоначалникот, Зоран Заев и на Советот на општината,  кои што ја овозможиле оваа посета.

-Нашите впечатоци се прекрасни. За овие неколку денови во Струмица видовме и почувствувавме големо гостопримство и срдечност. Восхитени сме од љубовта на вашиот народ кон својата земја и својот град, од љубовта на родителите кон своите деца, но и од љубовта кон децата во градинките и училиштата кои што ја имаат воспитувачите и наставниците. Посетивме неколку училишта, градинка, здравствени установи, каде се запознавме со начинот на работата, што беше и цел на посетата, но ги посетивме и манастирите во Вељуса и Водоча, воодушевени сме од нив. Исто така, бевме и во библиотеката, таму, преку руско катче, на граѓаните на Струмица ќе им подариме класична и современа руска литература, а за време на летниот рапуст планираме размена на ученици. Ќе бидеме многу среќни кога ќе ги реализираме овие, но и другите планови кои ги имаме, а кои ќе ја зајакнат соработката меѓу нашите градови, рече Миткина.

Гостите од Електростаљ одговараа и на новинарски прашања. Новинарите посебно се интересираа за соработката во економијата, образованието и организацијата на здравствениот систем во Електростаљ.

На денешната прес средба беше потенцирано продлабочувањето на соработката во повеќе области, а главен акцент на следната средба, која во јануари идната година ќе се случи повторно во Струмица, ќе биде ставен на соработката меѓу бизнис секторот на Струмица и Електростаљ.

Comments are closed.