„Струма’’, првонаградената песна посветена на градот Струмица

Во категоријата за возрасни автори, првата награда за најдобар литературен состав посветен на градот Струмица ја доби Елизабета Дончевска Лушин за песната „Струма’’.

СТРУМА

Сега сум само ИМЕ,

Но еднаш оддамна бев ВОДА

Проѕирна, безбојна, неоформена,

Се формирав во НЕГО,

Добивав облик во НЕГО

И боја…

 

Еднаш оддамна имав и коски

Се искршија…

Љубејќи со НЕГО.

 

СЕ СЕЌАВАШ ЛИ БЕЗИМЕН ВОЈНИКУ

На љубовта МОЈА

И омразата ТВОЈА.

 

Додека јас ти зборувам за љубов

Во тебе татнеа барабаните на војната!

Додека моите врели воздишки

ја параа црната тишина,

Во тебе се задушуваа

Грлените крици на победата.

 

СЕ СЕЌАВАШ ЛИ БЕЗИМЕН ВОЈНИКУ

Ти подадов од љубов,

а ти ме земаше од омраза.

 

Додека ЈАС – Љубејќи те,

ги втиснував заветите на љубов врз твоето тело,

ТИ – Љубејќи ме,

Ги исцртуваше темните тунели по мојата кожа

да ги запомнаш – кога ќе ме убиваш…

 

СЕ СЕЌАВАШ ЛИ?

Додека се препелкав

Притисната од твојата тежина,

Го предавав татко ми…

Љубејќи те тебе

Заборавив дека сум ќерка,

оти ТИ ме направи  – ЖЕНА.

 

ПОЧИВАШ ЛИ ВО МИР БЕЗИМЕН ВОЈНИКУ?

 

Жени под Царевите кули

Ви ги подарив ѕвездите

 

Ви го дадов и името

Comments are closed.