Официјален прием за гостите од Електростаљ во кабинетот на градоначалникот Заев

По повод Денот на заштитниците на градот „Свети Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици“, во официјална посета на општина Струмица престојува делегација од збратимениот градски округ Електростаљ од московската област на Руската федерација. Градоначалникот Зоран Заев, денеска, приреди официјален прием за гостите од Електростаљ, на кој се разгледуваше досегашната и се трасираше идната соработка во повеќе области.

Оваа делегација е предводена од секторот образование и денеска ги правиме првите чекори во соработката од областа на образованието помеѓу Струмица и Електростаљ согласно договорот кој што го имаме потпишано јас и градоначалникот на Електростаљ, Суханов. Со нас се и претставници на спортот и здравството и дел од раководството за економија, токму во оваа област ќе продолжи соработката преку средба на деловните луѓе од двете општини. На оваа посета посебно се радуваме заради тоа што е за време на големиот празник на Струмица и заради тоа што е од најважната област, образованието и секако иднината, а тоа се нашите деца. Навистина има што да се размени од делот на искуството, идеите се веќе ставени на маса и овие неколку денови, додека е овде делегацијата од Електростаљ да ги отпочнеме почетоците на конкретната соработка во делот на образованието, рече градоначалникот Заев.

Гостите од Електростаљ се заблагодарија на гостопримството и ги пренесоа поздравите до градоначалникот и граѓаните на Струмица од градоначалникот на Електростаљ, посакувајќи успешна соработка на повеќе полиња. Ние планираме да се запознаеме со работата на училиштата, детските градинки, културните, спортските и здравствените институции и да предложиме конкретен план за понатамошната соработка меѓу овие институции на Струмица и Електростаљ, рече Елена Миткина од делегацијата на Електростаљ.

На денешната средба домаќините и гостите си разменија пригодни подароци. Општина Струмица и Електростаљ се збратимија и воспоставија пријателски односи во декември минатата година.

FASUL 035_1024_680

 

Comments are closed.