Костадин Устапетров постхумно ja доби општинската награда за животно дело

Традиционално, точно напладне, во големата сала на НУЦК „Антон Панов“ се одржа свечена седница на Советот на општина Струмица, на која за значењето на празникот зборуваше градоначалникот, Зоран Заев, кој меѓу другото, рече дека ова е ден кој не е ни делник ни празник, туку празник над празниците за сите струмичани, за сите оние кои ја сакаат Струмица и ја чувствуваат за своја:

„Не смееме да размислуваме само на проблемите, туку да размислуваме за решението на тие проблеми. Оние кои мислат дека не можат ништо да променат, ќе мора најпрвин самите да се променат. А кога ќе се промениме, ќе знаеме повторно како се живее по мерка на човекот. Само така ќе знаеме да ја истераме облачноста од срцата, да ги сопреме врнежите во душата и да ја растераме маглата од пред очи. Само така ќе знаеме вистински да му се израдуваме на животот. Само така Струмица и струмичани ќе ја продолжат взаемната љубов, во амбиент кој го посакуваат. А до тогаш, нека ни е силна вербата и верата, нека ни се благословени даровите Господови, нека ни е вечен споменот на Светите 15 Тивериополски Свештеномаченици. Среќен ти празник Струмицо!’’ –  рече градоначалникот Заев.

На свечената седница беа доделени традиционалните годишни награди и наградата за животно дело „Свети петнаесет тивериополски свештеномаченици“ на општина Струмица за 2014 година.

Годишната награда ја добија д-р Александар Христов за посебен придонес во областа на медицината,особено во детската хирургија, д-р Драги Рашковски за особен придонес во образованието и техничката култура, м-р Софија Тошева за особен придонес во областа на образованието, м-р Васко Пиличев за особен придонес во областа на музичката дејност, Кирил Ричлиев за постигнати резултати во одбојкарскиот спорт, Симеон Чорев за особен придонес во крводарителството и хуманоста и Тивериополска Филмска Алијанса-Астерфест за особен придонес во подемот на филмските манифестации и афирмација на општина Струмица во меѓународни рамки.

Наградата за животно дело постхумно ја доби Костадин Устапетров за особен придонес во афирмација на културните вредности.Наградата за животно дело се состои од диплома, плакета, брозен медал и парични средства во износ од четири просечни нето плати исплатени во Република Македонија во предходната година, за физички лица се состои од диплома, плакета и парични средства во износ од една просечна нето плата и наградата на правни лица се состои од диплома, плакета и бронзен медал.

Comments are closed.