Денеска е Св. Петнаесет тивериополски маченици

Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици — група христијански светци и маченици од IV век. Своите животи во име на христијанството ги загубиле во времето на римскиот цар Јулијан Отпадникот. Денеска од страна на Македонската Православна црква и православниот свет нивното дело се чествува на 11 декември. Во градот Струмица, односно местото каде биле погубени 11 декември се слави како патрон на градот.

Првото нивно спомнување се наоѓа во Охридското глаголско евангелие од крајот на X и почетокот на XI век. Во месецословот што е додаток на евангелието се одбележува поменот на Струмичките маченици – Тимотеј, Теодор, Евсевиј и “дружине их”. Во Охридскиот апостол од крајот на XII век се слават – Тимотеј, Комасиј, Евсевиј, Теодор, Петар, и “и инах”.

Четворица од мачениците, Тимотеј, Камасиј, Евсевиј и Теодор заедно со другите единаесет маченици, бегајќи од прогоните на христијаните, за време на владеењето на царот Јулијан Апостата (361-365), побегнале од Никеја во Солун, а оттаму во Тивериопол – Струмица. По откривањето и мачењето тие настрадале во Тивериопол, каде што биле и погребани.

Comments are closed.