Во Струмица 48 улици добија нови имиња

Советот на општина Струмица вчера ја одржа дваесет и првата седница на која,  покрај кварталниот извештај за извршување на буџетот за третиот квартал од 2014 година, беа усвоени и повеќе предлог одлуки и програми од повеќе области, а  најголем дел беа од областа на урбанизмот.На дневен ред беа 34 точки, сите беа усвоени, 14 од нив беа од областа на урбанизмот, односно, за легализација на бесправно изградените објекти.

Од сите точки, најголемо внимание кај советниците предизвика кварталниот извештај за извршување на Буџетот на општина Струмица за првите девет месеци од 2014 година, односно, колку е реализиран.

Во деветте месеци од оваа година од планираните една милијарда осумдесет и шест милиони денари, реализирани се шестотини и десет илјади и 950 денари, или, 56 посто е реализацијата. Тоа, секако не  е крајниот исход, бидејќи по обичај кварталниот извештај од последниот квартал е најголем, со најголем обем на пари, така што градоначалникот и Советот очекуваат тој да се реализира околу 90 насто од предвидениот за 2014 година.

Друга точка која што предизвика внимание е предлог одлуката за определување имиња на подрачјето на општина Струмица. Веќе подолг период немаше ставено имиња на улици кои што беа отворени, претежно во новите индустриски зони, како зоната Север и улици определени со деталните урбанистички планови донесени во текот на оваа година, како што се урбанистичките планови број 15, 16, 17/1, 18, 19, 20, 21 и деталниот урбанистички план за касарната, за блоковите 38, 39 и дел од блокот 37.

- Донесени се имињата, јас уште еднаш ќе им се заблагодарам за конструктивноста на двете советнички групи при донесувањето на имињата, бидејќи тоа е доста обемна работа која најпрво ја заврши администрацијата на општина Струмица, а потоа ние ја усвоивме со заедничка согласност која што беше донесена вчера кога и работевме подолг период, бидејќи 48 улици добија нови имиња, а тоа не е мала работа со оглед на тоа дека досега во општина Струмица има 155 улици, тоа значи дека додаваме плус една третина нови улици, рече Јосиф Христов, претседател на Советот на општина Струмица.

Comments are closed.