Честитка од градоначалникот Зоран Заев до лицата со посебни потреби

Честитка од градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, до лицата со посебни потреби по повод Светскиот ден на хендикепот.

Почитувани сограѓани, телесно инвалидизирани лица, лица со оштетен вид,  лица со оштетен слух (глуви и наглуви), лица со пречки во говорот, гласот и јазикот, лица со аутизам, лица со Даунов синдром, лица со пречки во психофизичкиот развој и други лица со посебни потреби,

Денешниот Светски ден на хендикепот е Ваш ден, но 3. Декември е само еден од многуте денови во една календарска година. Вие ги заслужувате и останатите 364 денови во годината, бидејќи сте луѓе како и сите останати, бидејќи сте дел од нашата заедница и нашето општество.

Вие имате право на достоинствен живот и сите останати со закон утврдени права, како и оние кои се дел и од меѓународните конвенции.  Наша задача е да ги почитуваме тие Ваши права и соодветно да одговориме на сите Ваши неопходни потреби и барања. Социјализацијата, инклузивноста и обезбедувањето идеални услови за непречено одвивање на Вашите животи, треба и мора да бидат наш приоритет.

Вам, лицата со хендикеп, не ви се потребни само декларативни заложби, туку конкретни мерки кои ќе бидат по Ваша мерка. Во таа смисла, јас и Општина Струмица, секогаш сме биле, сме, и ќе бидеме  на Ваша страна.

Нека ви е честит 3. Декември – Светскиот ден на хендикепот

Comments are closed.