Градоначалникот Заев: Струмица е почестена со отворањето на Центарот за поддршка на малите и средните претпријатија

Во хотелот „Сириус“ вчера беше потпишан договор за формирање на Бизнис центар за поддршка и консултативни услуги за малите и средните претпријатија во Југоисточниот плански регион. Овој Центар, технички и финансиски е помогнат од Министерството за локална самоуправа и програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), а ќе работи како дел од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион. На овој промотивен настан присуствуваше и градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев. Тој во своето обраќање го нагласи значењето на овој бизнис центар и рече дека Струмица е почестена што тој се отвора токму тука.

-Денеска, благодарение на министерството за локална самоуправа, УНДП и Центарот за југоисточен плански регион, вклучувајќи не и нас десетте општини, започнуваме еден значаен проект чија успешна иднина ќе зависи од нашата искрена вклученост во него. Овој Центар за поддршка на малите и средните претпријатија, понуда на консултантски услуги и сите неопходни информации, може да биде од драгоцено значење, токму, за нашите фирми во таа севкупна борба на пристап до информации, согласно кои, се позиционираат и приватните фирми во општеството во кое што живееме. Сите знаеме дека сме земјоделски регион, ако се прашаме колку знаат за деталите на ИПАРД-от, тоа е многу малку, колку имаме пристап и можност до информациите за кредитите со многу ниски каматни стапки за поддршка на малите и средните претпријатија, исто така, ќе заклучиме дека многу малку информации имаме за овие работи. Колку малку знаеме за одредени детали од кои што зависи одлуката за одредена инвестиција која што секако, секоја фирма од она што го заработува, носи одлука согласно информациите кои што ги има за инвестирање. Оваа можност во склоп на општините и министерството, ни дава одлична можност да се впрегнеме во конечната цел споделување на сите неопходни информации во бизнис секторот, односно, до малите и средните претпријатија. Големите претпријатија, можеби отвораат на купче повеќе работни места, но малите и средните претпријатија отвораат квалитетни работни места, со достоинствена плата, со реална можност за напредување и секако, убава можност за градење на економските капацитети, генерално, на општеството во кое што живееме. И затоа секоја поддршка на малите и средните претпријатија може да биде драгоцена за севкупниот економски и сеопшт развој на регионот од кој што доаѓаме. Јас се надевам, дека овој Југоисточен регион, кој што важи за еден од најразвиените во нашата Македонија, и овде ќе го оправда епитетот кој што го носи со себе, давајќи поддршка, искрена, не штедејќи се скржаво себе си со информациите споделувајќи ги со бизнис секторот, кој што се надевам дека ќе биде активен и ќе биде чест гостин во Центарот за поддршка на малите и средните претпријатија, каде што, сите ние, пред се општините заедно со нашите одделенија и сектори кои што функционираат, секако, несебично ќе ги споделиме сите можни информации, убедени дека конечната кауза е работно место плус повеќе отворено е среќа и напредок за целото општество во кое што живееме. Посакувам многу успех во функционирањето на Центарот за Југоисточен плански регион, на бизнис центарот и уште еднаш само да кажам дека е чест, користејќи ја привилегијата да бидеме центар на овој југоисточен плански регион, да токму во Струмица биде отворен еден ваков бизнис центар за поддршка на малите и средните претпријатија, рече градоначалникот Заев.

Comments are closed.