Градоначалникот Заев за инвестиционите зафати во градот и населените места

Согласно програмите и буџетот на општина Струмица за 2014 година, во градот и населените места во тек се повеќе инвестициони активности. Според градоначалникот, Зоран Заев, се работи за зафати на улици и тротоари во градот и населените места, за завршните фази на ободниот канал, за тековните активности во Егејското маало и уште неколку други инвестициони зафати.

 -Во неколку населени места се градат улици, тоа се Вељуса, Дабиле, Муртино. Во градот, во подготовка се зафати на неколку улици и тоа пробивање на спојката меѓу улиците „Антон Панов“ и „Мара Минанова“, отворање на одредени џебови по градот, продолжување на спојката на улицата покрај бензинската станица на „Макпетрол“ и  „Огражден“ кој што го поврзува транзитниот пат со тој дел од градот и неколку други позиции. Во моментов се завршуваат преку 10 локации за  нови тротоари во градот и населените места, а привршуваме со фекалната канализација во Костурино. Една од позначајните активности која што во моментов се завршува е финалната фаза на тампонирањето на улицата во Егејското маало, таму фекалната канализација е веќе поставена, горлив проблем за еден дел од граѓаните, очекуваме на почетокот на декември да биде завршено. Се работи и во областа на Дорломбос, Мемешли и Орманли, каде што живеат многу малку граѓани. Таму патот од последните дождови беше комплетно уништен, правиме целосна реконструкција на патот и изградба на потпорен ѕид за да може да го обезбедиме пристапот за возилата кои што доаѓаат до трите населени места, тоа е многу важен инвестиционен зафат. ЈПКД „Комуналец“ заедно со неколку фирми привршува со завршните потези над ободниот канал. Ободниот канал како проект е веќе завршен, но сакаме пред неговото пуштање да завршиме и неколку паралелни или споредни работи, а тоа е улицата „Бошко Буха“. Под оваа улица поминува една од главните цевки на ободниот канал во Струмица, каде што по завршувањето на последната каскада почнавме со цементирање на улицата „Бошко Буха“ и поставување на сливниците за атмосферската канализација, со завршување на тој потег ќе можеме да бидеме подготвени за целосно пуштање на ободниот канал и целата неопходна инфраструктура која што е поврзана околу него, рече градоначалникот Заев.

Comments are closed.