Градоначалникот Заев:Југоисточниот регион има потенцијали за големи перспективи

Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, денеска присуствуваше на финалната конференција на Центарот за развој на југоисточниот плански регион која што се одржа во хотелот „Сириус“, а на која беше презентирана програмата за периодот 2015 – 2019 година.
Тој во своето обраќање потенцираше дека овој регион е најдобриот, најубавиот и најперспективниот регион во Република Македонија и со севкупниот потенцијал со кој располага има големи перспективи.

-Денеска испишуваме една своевидна историја за период многу значаен, пред кој се наоѓа генерално Европа, нашата Македонија, но и нашиот Југоисточен плански регион, периодот од 2015 до 2019 година е период во кој што очекуваме прогрес, после оваа европска и светска криза, генералните тенденции се на прогрес, на добро разработена програма, секако мораме оптимистички да се надеваме дека и реализацијата на таа програма која што денеска ја презентираме ќе го види светлото на денот и нашиот Југоисточен плански регион ќе ги ползува благодетите од најголем процент на исполнување на таа програма. Сигурно, сите овде ќе се согласите дека доаѓаме од најдобриот, најубавиот и најперспективниот регион во Република Македонија.

Кога се споредуваме како втори во Македонија, после главниот град, апсолутно местото е димензионирано како за прво заради тоа што главниот град е главен град, таму е целата административна служба, но секако и денешнината во која што живееме, локацијата на која што сме поставени, ресурсите со кои што располагаме и работниот народ кој што е благодет од господ, ни даваат одлична можност за силни перспективи. Сите шест стратегиски цели како што се разработени, од економскиот, социјалниот, културниот аспект, сите оние димензии кои што досега биле препознатлив белег на регионот, а се сигурно одличен потенцијал, кој што многу малку досега е искористен во овој наш регион, ни даваат за право да очекуваме одличен напредок во периодот кој што претстои. Секако, потенцијалите, како извозен регион, како земјоделски регион, потенцијалите кои што не прават средиште на триаголникот помеѓу нашата земја и две европски земји, се одлична можност која што треба да генерира позитивизам и оптимизам кај сите нас.

Јас сум убеден дека трендот на сиромаштија и помалку работни места кој што е присутен насекаде во Европа, така и во нашата земја ќе заврши каде и да е и ќе почне еден нов тренд на отворање на не само на работни места, туку на квалитетни работни места кои што ќе обезбедат достоинствен живот на нашите граѓани, кои што истовремено носат генерален позитивизам кој што секако е многу драгоцен за севкупниот развој на регионот, рече градоначалникот Заев.

Comments are closed.