Струмица е родово сензитивна општина

„И на глобално и на локално ниво треба уште многу да се работи за да се надмине  родовиот јаз“, ова е заклучокот на работната конференција за проценка на резултатите од менторската програма за јакнење на жените во локалната самоуправа којa што се одржа во Скопје, а во организација на Македонско женско лоби во соработка со институтот Евро – Балкан. На конференцијата присуствуваа и претставници на општина Струмица, односно, координаторот и членовите на комисијата за еднакви можности на мажите и жените при Советот на општината. Беа презентирани досегашните резултати од изработената менторска акција на тема „Внесување на родовата перспектива во општинските акти и стратешки документи“, како дел од акцискиот план за оваа година.

-Во рамките на овој проект досега подготвивме план за акција, направивме селекција на документите кои ќе бидат анализирани од родов аспект, ги  донесовме Статутот на општината, актот за систематизација и деловникот за работата на општината. Направивме предлог измени на документите кои беа предмет на анализа од родова перспектива. Се реализираа 4 работилници на различни теми поврзани со родовата рамноправност. Од постигнатото ќе ги потенцираме, зајакнувањето на  капацитетите на Координаторот за еднакви можности на мажи и жени, на комисијата, општинската администрација, исто така инкорпорирана е родова перспектива во општински акти, а општина Струмица ги имплементира и обврските од законот за еднакви можности на мажи и жени и што е најважно, Струмица е родово сензитивна општина, рече на презентацијата, координаторот Нела Масалковска.

Струмица е една од 23 општини во Република Македонија вклучени во реализацијата на проектот „Ние сме идни лидерки и двигателки на промените во нашите заедници“.

Comments are closed.