Струмица избрана за пилот општина во унапредувањето на образовниот процес

Струмица е избрана меѓу трите општини во државата во кои вкупно 10 основни училишта ќе бидат во пилот фаза за проверка на предлог инструментите и процедурите на системот за професионален и кариерен развој на наставниците. Во општина Струмица се вклучени четири општински основни училишта и тоа „Сандо Масев“ и „Маршал Тито“ од Струмица и „Св.Кирил и Методиј“ од Дабиле и „Маршал Тито“ од Муртино. Локалната самоуправа ја има клучната улога во обезбедувањето услови за непречено функционирање на образовниот процес, а особено внимание посветува на постојано унапредување на неговиот квалитет.

Предлог инструментите и процедурите на системот за професионален и кариерен развој на наставниците се изготвија од работни групи составени од членови од сите засегнати страни. На средбата која што се одржа во општинското основно училиште „Сандо Масев“ се разгледуваа планираните активности кои ќе се спроведуваат во избраните училишта во периодот од ноември 2014 до април 2015 година.

Проектот за професионален и кариерен развој на наставниците го реализираат Бирото за развој на образованието и Македонскиот центар за граѓанско образование со поддршка на УСАИД канцеларијата во Скопје. Целта на проектот е преку подобрување на системот за професионален и кариерен развој на наставниците да се придонесе за поквалитетна воспитно – образовна работа и повисоки постигања на учениците во Македонија.

Comments are closed.