Здружението „НОВУС“ со работилница „Маркетинг и ПР – од теорија до пракса“

Во рамките на проектот „Биди и ТИ претприемач“ кој што е целосно поддржан од општина Струмица во рамките на програмата за финансиска поддршка на невладиниот сектор за 2014 година, денеска и утре во домот на АРМ, се одржува работилница на тема  „Маркетинг и ПР – од теорија до пракса“. Оваа е втора работилница во рамките на овој проект, а  претходната беше за претприемништво и менаџмент.

Според Ѓорги Тасев, претседател на здружението „НОВУС“, работилницата нуди дополнителни знаења од маркетингот и односите со јавноста, како клучни елементи во креирањето на бизнис концептите.

-Целта на оваа работилница е учесниците кои што се пријавија врз основа на претходно пополнета апликација, да се запознаат со односите со јавноста и маркетингот, како клучни елементи во креирањето на еден бизнис концепт. Токму овие елементи се опфатени на оваа работилница каде што предавачи се Магдалена Михајлоска, менаџер за стратешки комуникации од Агенцијата за односи со јавност и комуникациски менаџмент IMAGE-PR и Сања Ристиќ, директор за клиенти од Агенцијата за маректиншки и комуникациски услуги Idea Plus Communications. Се надеваме дека и учесниците се задоволни од работилницата и дека со помош на предавачите ќе добијат дополнителни знаења од областа на маркетингот, односите со јавноста и комуникациите. Воедно, ја користам оваа прилика да ја запознаам јавноста дека здружението „НОВУС“ наскоро ќе организира и обука за препознавање на говорот на омраза и трибина поврзана со мобинг, две исклучително актуелни теми кои се надевам ќе предизвикаат широк општествен интерес, рече Тасев.

Comments are closed.