Од утре стартуваат форумските сесии

Општина Струмица како успешен пример за правилно вклучување на граѓаните во процесот на креирањето на општинските политики и практики и можноста за нивно партиципативно учество во креирањето на општинскиот буџет, по четврти пат е дел од програмата „Форуми во заедницата“ и спроведување на буџетските форуми.

Утре (13.11.2014) со почеток во 18 часот во малата сала на Домот на АРМ ќе се одржи првата форумска сесија на која ќе биде присутен градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, кој заедно со граѓаните ќе дискутираат за развојните програми кои се дел од предлог буџетот за 2015 година.

За целта и значењето на оваа програма, денеска на прес конференција, зборуваше Тони Милушев, општински координатор во форумскиот процес.

-Целта на програмата е да се поддржи партиципативниот развој на заедницата на локално ниво која истовремено ќе претставува платформа за развој во која граѓаните ќе имаат можност да го подобрат сопствениот живот низ сопствени идеи, а општинската администрација успешно да развива партиципативно и одговорно локално владеење на кое ќе му се верува. Преку програмата „Форуми во заедницата“ и буџетските форуми, на жителите на општина Струмица им се дава можност партиципативно да учествуваат во креирањето на буџетот на општина Струмица како и да одлучуваат за приоритетни проекти кои се дел од Развојните програми во општинскиот буџет. Процесот е отворен за сите граѓани во општината, сo цел заеднички да решаваат за одредени прашања и да учествуваат во креирањето на политиките на локално ниво. Програмата „Форуми во заедницата“ е со поддршка од швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), а е раководена од Единицата за координација со форумите (ЕКФ) во соработка со Заедницата на единицата на локална самоуправа (ЗЕЛС). Овој пат општината, форумскиот процес го води самостојно без имплементирачка организација, потпрена исклучиво врз сопствени ресурси.

Одговорен за целокупниот форумски процес е општинскиот координатор заедно со шестчлена оперативна група, (претставник од општинската администрација дел од Одделението за локален економски развој, лице одговорно за родовата еднаквост, лице одговорно за месна самоуправа и верски заедници, претставници на граѓански сектор и лице одговорно за комуникација со медиумите, како и стручно лице за буџетска координација. Форумскиот процес го модерира сертифициран модератор, а му помага локален ко-модератор.

Форумскиот процес ќе тече низ шест форумски сесии од кои пет работни сесии во текот на ноември – декември и една последователна сесија на крајот од буџетската година согласно распоредот. Форумскиот процес се заокружува септември 2015 година со последователна форумска сесија на која општината отчетно ги информира граѓаните за реализацијата на изгласаните приоритетни програми и проекти. Многу важно за самиот форумски процес е редовното присуство на учесниците на форумските сесии зарди стекнување на право на глас. Правото на глас се стекнува со присуство на најмалку три форумски сесии.

Во тој контекст, а имајќи го во предвид значењето на учеството на граѓаните во таквите форуми, ги поканувам граѓаните на општина Струмица на 13.11.2014 (четврток) во 18:00 часот во Дом на АРМ (мала сала), да земат активно учество и да го дадат својот конструктивен придонес во креирањето на буџетот на општината за 2015 година, потврдувајќи повторно дека општина Струмица е лидер во партиципативноста на граѓаните во креирањето и спроведувањето на општинските политики, особено во партиципативното буџетирање, рече Милушев.

Comments are closed.