Нова автобуска постројка во населеното место Свидовица

Жителите на населеното место Свидовица од денеска имаат автобуска постројка. Постројката е поставена покрај патот Свидовица – Банско, во непосредна близина на подрачното училиште „Даме Груев“. Оваа автобуска постројка значително ќе им го олесни превозот на сите жители, особено на учениците кои настава следат во соседното населено место Куклиш, но и во училиштата во градот.

Жителите на Свидовица ја побараа автобуската постројка од градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев. Истата, во најбрз можен рок, односно денеска,  е реализирана од страна на Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“.

Инаку, при крај е и законската процедура за реконструкција на кровот на училишната зграда во ова населено место, по нејзиното целосно завршување, практично и ќе се отпочне со реконструкцијата. Покрај реконструкцијата на кровот, ќе бидат изведени и други активности во училиштето.

Реконструкцијата на кровот на подрачното училиште „Даме Груев“ во населеното место Свидовица е капитална инвестиција и како таква е во надлежност на Министерството за образование. Но, по негативниот одговор од таму на барањето на родителите, чии деца, токму поради овој проблем,  во септември ја бојкотираа наставата, градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, заедно со општинската администрација донесоа одлука реконструкцијата на кровот да се изврши со средства од буџетот на општина Струмица.

За овој градежен зафат издвоени се вкупно 1.295.000 денари.

Comments are closed.