ОО СДСМ Струмица:„Македонски шуми“ ги остави струмичани без огревно дрво

Во просториите на ОО СДСМ Струмица денеска, Миле Милановиќ, член на Извршниот одбор на ОО СДСМ Струмица одржа прес конференција на која изјави дека ЈП ,,Македонски шуми“ ги оставила струмичани без огревното дрво пред грејната сезона.

Во продолжение, интегрален текст од прес конференцијата:

,,Почитувани граѓани,

Во ек на грејната сезона Јавното претпријатие „Македонски шуми“ ги остави струмичани без огревното дрво.

Покрај тоа што граѓаните навремено склучиле договори, Јавното претпријатие се уште не им ги испорачува дрвата за огрев.

Граѓаните се оставени самите да се снаоѓаат, како знаат и умеат. Оправдан е револтот кај нашите сограѓани кои се загрижени да не останат без дрва цела зима.

Јавното претпријатие „Македонски шуми“, подружница „Беласица“ е должно да одговори што се случува со огревното дрво?

Зошто дел од граѓаните на Струмица власта ги остави без дрва за огрев?

Дали дел од огревното дрво завршува во други општини и зошто тоа се прави на штета на граѓаните во Струмица кои платиле за да го добијат?

Или пак дојде време да се плати сметката од бесправната и неконтролирана сеча на шумите пред која намерно се замижува во последните години?

Дали бесправната сеча во изминатите години, особено пред избори, ги опустоши шумите и нема повеќе огревно дрво?

Евтиниот популизам на власта не ги грее домовите на граѓаните.

Власта на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се должни на граѓаните кои останаа без огревно дрво да им ги одговорат овие прашања.” – изјави Миле Милановиќ, член на Извршниот одбор на ОО СДСМ Струмица

Comments are closed.