Општина Струмица позитивен пример во Македонија во спречување на корупцијата

Струмица е посочена како позитивен пример во однос на другите општини во Република Македонија во спречувањето на корупцијата од страна на Асоцијацијата за развојни иницијативи „Зенит“, како членка на граѓанската мрежа за спречување на конфликт на интереси во јавната администрација.

Ова е резултатот од истражувањето кое што оваа асоцијација со поддршка на Европската унија го спроведе во рамките на проектот „Предводници во спречување на корупција во општинската администрација – идентификување и промовирање на позитивни практики“. Според резултатите од спроведеното истражување, Струмица, Гази Баба и Прилеп се трите општини кои предничат со позитивни практики во спречувањето на корупцијата на локално ниво, а Струмица е посочена како позитивен пример кој другите општини во Македонија можат да го следат.

Струмица е единствената општина која ги поседува основните алатки во борбата за спречување на корупцијата, а тоа се Стратегија за ризици донесена во 2008 година, Политика за интегритет од 2012 година и Сертификат за поволно деловно опкружување добиен минатата година.

Денеска, во ЕУ Инфо Центарот во Скопје, беа презентирани наодите од истражувањето и позитивните практики во општините. Позитивните практики на општина Струмица ги презентираше Марија Гарванлиева, раководител на одделението за внатрешна ревизија и тим лидер на групите кои реализираа проекти кои ја направија Струмица позитивен пример за останатите општини во Република Македонија.

Comments are closed.