Градоначалникот Заев го стартуваше зонското паркирање во Струмица

Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, денеска, со својот автомобил се паркираше на обележаните паркинг места на булеварот „Маршал Тито“ ја испрати првата СМС порака и со тоа го означи стартот на зонското паркирање во градот. На ова симболично стартување на зонското паркирање присуствуваа членови на Советот на општина Струмица и вработени во Јавното претпријатие „Паркиралишта Струмица“. Градоначалникот Заев нагласи дека овој проект има големо значење бидејќи со него ќе се реши проблемот со сообраќајниот хаос во централното градско подрачје.

-Со задоволство го најавувам отпочнувањето на проектот зонско паркирање во градот Струмица, проект кој што е подготвуван во претходните три месеци со обезбедување на целокупниот софтвер, хардверската опрема, хоризонталната и вертикалната сигнализација, како и едукацијата и обуката на вработените во Јавното претпријатие „Паркиралишта Струмица“. Со денешното пуштање во употреба на овој значаен проект за градот Струмица, ќе отстраниме особено значајни дебати во нашиот град кои што се водени неколку години, а поврзани со хаосот во паркирањето и секако, безбедноста во сообраќајот. Можам со задоволство да кажам дека 50 проценти од граѓаните кои што живеат токму на овие улици, се обратија до Јавното претпријатие „Паркиралишта Струмица“ за да може да ги обезбедат своите договори за прво возило со нула денари, но исто така огромен е и интересот на стопанствениците кои што гледаат можност да го зголемат својот промет во своите објекти, обезбедувајќи резервирани позиции пред самите нив. Тоа што на самиот почеток е добредојдено, е апелот кој што доаѓа од сите овие граѓани како задоволство, дека конечно се создава еден ред во безбедноста на сообраќајот и отстранување на хаосот во паркирањето и јас се надевам дека овој тренд ќе продолжи и во иднина. Конечна цел на овој систем на зонското паркирање е да создадеме безбедносна култура кај сите нас, не е потребно значајно да ги менуваме нашите навики, но едноставно да ги почитуваме законот и регулативите донесени од страна на Советот на општина Струмица, да создадеме повеќе простор за паркирање на секој од нас, но секако и да го отстраниме хаосот кој што ни се случува во централното градско подрачје. Сакам да испратам апел до сите граѓани, да ги почитуваат сите овие регулативи, одлуките на Советот и законот, конечната цел е токму она што не прави нервозни во оние празнични денови, но и во работните денови ни зема дел од времето, ни носи дополнителни грижи, создадени токму од хаотичната состојба во паркирањето и  целокупната сообраќајна култура, која што во центарот на градот досега беше еден вид тесно грло за граѓаните на Струмица и струмичкиот регион. Се надевам дека со тоа ќе ставиме ред во сообраќајот, нашата конечна цел не е наплата на средствата, ние би биле задоволни дури и со нула денари, конечната цел е ставање ред во безбедносната култура на граѓаните на општина Струмица и струмичкиот регион, пред се, во централното подрачје на градот Струмица, рече градоначалникот Заев.

Иако, денеска се означи стартот на зонското паркирање, наплатата на јавните паркинг простори во градот ќе почне од трети ноември.

-Од денеска па до 3 ноември паркирањето ќе биде бесплатно, односно, тоа е период на адаптација во кој граѓаните ќе треба да ги осознаат сите предности и да се едуцираат како да го извршат паркирањето, рече Верица Узунова, директор на ЈП „Паркиралишта Струмица“.

Comments are closed.