Одбележaн Денот на лицата со Даунов синдром

Со делење на едукативен материјал и беџови на минувачите на градскиот плоштад, здружението „Вера’’ од Струмица денеска го одбележа Денот на лицата со Даунов синдром.

Секоја година октомври месец во светот е предвиден за подигање на јавната свест за Дауновиот синдром, а како што велат од Здружението „Вера’’, токму денешниот ден (21 октомври) го одбрале бидејќи овој датум симболички ја покажува сликата на овие луѓе кои го поседуваат 21 хромозом три пати во својата клетка.

„Ние кои имаме деца со Даунов синдром се трудиме да покажеме на луѓето дека нашите деца не се заразни, дека се еднакви како сите граѓани и дека треба да бидат еднакво прифатени како сите.
Како што тие деца сакат, треба и ние да ги сакаме. Родителите да не ги кријат децата дома бидејќи секој ден е посебен и вреди да се живее’’ – вели Анче Туфекчиева од здружението „Вера’’.

Спореда неофицијални податоци, во општина Струмица има 16 деца со Даунов синдром, а најстарато евидентирано лице е 60 – годишната Милица од Ново Село.

Comments are closed.