Првачињата од Струмица станаа членови на Детската организација

„Ветувам на сиот глас дека моите наставници ќе ги почитувам јас! Секоја задача ќе се обидам со леснотија да ја решам, но ве молам, простете ако некогаш згрешам. Во овој момент давам чесен татковински збор ќе се дружам со другарчињата во училишниот двор!’’ – вака првачињата од Струмица ја дадоа свечената заклетва приклучувајќи се денеска официјално во Детската организација.

Во нивна чест во НУЦК „Антон Панов’’ се одржа и свечена приредба, а на децата кои за прв пат седнаа во школските клупи оваа година, успехот во школувањето им го посака и градоначалникот Зоран Заев.

„Иако вие и до сега бевте деца, денес во рамките на оваа Детска недела вие и официјално станувате членови на Детската организација на ОН. Она што треба да знаете е дека постои еден значаен документ со кој се потврдуваат основните стандарди и услови во поглед на заштитата на децата. Станува збор за Конвенција за правата на детето според која сите деца имаат еднакви права кои ние возрасните мора да ги почитуваме’’ – се обрати градоначалникот Заев.

Традиционално, тој денеска во својот кабинет прими и дел од првачињата од сите основни училишта од Струмица.
Приемот во Детската организација традиционално се случува во рамките на Детската недела која во Македонија се одбележува од 1 до 7 октомври.

Оваа година во прво оделение во струмичките училишта запишани се околу 350 ученици.

 

Comments are closed.