Ристо Маџунков во четврток ќе ја престави новата книга „Капки”

Несомнено, и третата објава на Ристо Маџунков, „Капки“ (2014), по „Вечен збор“ (1992) и „Глас во пустина“ (1994), го потврдува во редот на неслучајни автори и дела, иако тоа и не е негова професионална вокација.

Во контекст на неговиот поетски ракопис, се забележува едно созревање, едно дестилирање на изразот, секако и задржување на основните тенденции: лиричноста, замисленоста пред смислата на постоењето/ или нејзино барање во некоја друга стварност- стварноста на сонот, сеќавањата…, игривиот допир на љубовта и вљубеноста, но и тивката тага од поминатото животно искуство, лузните од победите и поразите, сеќавањата на чистината на детството како прибежиште пред суровоста и нечистината на сегашноста. Сé се тоа теми присутни во оваа поезија.

Ова е пред сé, една интимна поезија, непретенциозна, која што на моменти збунува со едноставноста на својот израз, со неговата лапидарност и кондензираност, но и со богатството на животното искуство содржано во неа, како и со способноста во едноставноста на секојдневните ситуации и мали работи, да се најде една повисока смисла, една реалност која постои околу нас, и не е креирана од нас, но таква што единствено изостреното поетско око може да ја забележи и дофати.
(од Рецензијата)

ЧЕТВРТОК, 20 ЧАСОТ, НУЦК „АНТОН ПАНОВ”

Comments are closed.