Граѓаните кои живеат во паркинг зоните ќе имаат повластувања

Во организација на Јавното претпријатие „Паркиралишта Струмица“, денеска се поделија писмени известувања за граѓаните чии живеалишта се наоѓаат во зоните каде ќе се имплементира зонското паркирање.

Целта на оваа акција е да се информираат граѓаните за повластувањата кои ги нуди Јавното претпријатие пред отпочнувањето на при пејд паркирањето. Во писмените известувања кои што ги добија граѓаните се наведени причините поради кои се воведува зонското паркирање, подрачјето на двете паркинг зони, начинот на кој ќе функционира паркирањето и повластувањата кои што ќе ги добијата граѓаните кои живеат во двете паркинг зони.

Зонското паркирање ќе функционира од понеделник до петок од 7 до 21 часот и сабота од 7 до 17 часот, а во недела и за време на државни празници паркирањето ќе биде бесплатно во текот на целиот ден. Плаќањето ќе се врши преку СМС порака и преку паркинг греб – картичка. Во црвената зона – А паркирањето ќе биде ограничено на максимум два часа и ќе изнесува 30 денари за час, а во жолтата зона – Б ќе биде неограничено и ќе изнесува 20 денари по час паркирање.

Граѓаните чии што живеалишта или работни места се наоѓаат во подрачјето на паркинг зоните можат да се здобијат со повластен паркинг билет и да направат резервација на паркинг место за своите возила. Повластени паркинг билети ќе бидат обезбедени за најмногу две возила и тоа 0 денари за прво возило и 300 денари за второ возило по месец. Повластените паркинг билети ќе бидат издадени на сите граѓани на кои адресата на живеалиште на сопственикот на возилото по лична карта е идентична со адресата од сообраќајната дозвола.

Во двете паркинг зони се предвидени вкупно 756 паркинг места.

Зонското паркирање во Струмица се реализира по теркот на повеќе современи европски метрополи, а основната цел е да се воведе организација на сообраќајот во мирување како и да се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

Comments are closed.