Честитка од Градоначалникот Зоран Заев по повод 5.Октомври – Светскиот ден на учителот

Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев упати честитка до учителите  по повод светскиот Ден на учителот.

,,Почитувани наставници

Денешниов ден со одлука на Унеско, веќе 20 години се одбележува како Светски ден на учителот. Петтиот ден од октомври е Ваш ден, ден кога светот се поклонува пред Вашата професија и пред напорите кои ги правите за доброто на генерации и генерации ученици, давајќи го Вашиот несебичен влог за нивната иднина и за иднината на заедницата, општеството и човештвото воопшто. Во процесот на примо–предавање на знаењата, Вие сте клучната алка, Вие сте тие од кои зависи квалитетот на воспитувањето и образованието на младата популација. Притоа, секогаш треба да имате на ум, дека Вие постоите за учениците а не учениците за Вас.

Професијата УЧИТЕЛ е нешто со што треба да се гордеете, нешто што е племенито, возвишено и достојно за почит. За жал времето што сите ние го живееме е време на нарушен систем на вредности. Вие тоа мошне добро го чувствувате на својата кожа.Во услови кога  образованито кај нас честопати е предмет на разни експерименти, Вие и Вашите ученици, ни криви ни должни станувате жртви на истите. На тој начин, станувате се помалку учители, а се повеќе административци. Обврските ви се се поголеми, а правата се помали. На тој начин достоинството на Вашата професија е доведено во прашање. Но Вие не би биле тоа што сте, доколку не истраете до крај со сите предизвици, издигнувајќи се над сите проблеми. Едно е повеќе од сигурно, Вие заслужувате многу позначаен третман од општеството од оној кој го имате.

Јас секогаш сум бил и ќе останам на Ваша страна. Нека ви е честит и вековит 5.Октомври – Светскиот ден на учителот.” - стои во честитката од градоначалникот Зоран Заев.

Comments are closed.