Невремето во Габрово предизвика штета од над 9 милиони денари

Невремето проследено со пороен дожд кое што на први август годинава, го зафати подрачјето на населеното место Габрово предизвика вкупна штета од 9.257.321,00 денари, утврди комисијата за проценка и утврдување на висината на штетата настаната од природни непогоди и други несреќи при општина Струмица.

До комисијата беа поднесени 44 барања за процена на штети за 12 куќи со дворови и придружни објекти и за процена на 148 парцели засадени со најразлични земјоделски култури. Големи штети беа предизвикани и на комуналната инфраструктура, беше раскопан локалниот пат кој што го поврзува населеното место со регионалниот пат и улиците во него. Комисијата изврши увид на лице место по сите барања и оцени причинета вкупна штета од 9.257.321,00 денари, од кои 5.961.699,00 кај граѓаните, а останатите 3.295.662,00 денари кај деловните субјекти.

Советот на општина Струмица на вчерашната седница го усвои извештајот на комисијата по што тој ќе биде доставен до Владата на Република Македонија и владината комисија за процена на штети од природни непогоди која треба да им даде помош на оштетените граѓани и деловни субјекти.

Општина Струмица веднаш по невремето реагираше брзо и ангажираше градежна механизација за расчистување на наносите на приодниот пат до населеното место и улиците во него. По стабилизирањето на состојбата, со средства од општинскиот буџет ги асфалтираше раскопаните улици и ја исчисти каналската мрежа во селото, со што во целост ги изврши своите обврски согласно надлежностите кои што ги има.

Comments are closed.