Акцијата на ЕД „Планетум’’ продолжи пред градинката „Детска радост“

Заедно со членовите на Еколошкото друштво „Планетум“, учениците од СОУ „Димитар Влахов“, вработените во ЈПКД „Комуналец“ и Одделението за заштита на животната средина при општина Струмица, градоначалникот Зоран Заев денеска учествуваше  во акцијата „Биди зелен, биди дел од герила градинарски тим’’ во озеленувањето на јавната површина пред градинката „Детска радост“.

Градоначалникот се заблагодари на сите учесници кои се вклучени во оваа еко – акција во која преку употреба на отпад и растенија ги озеленуваат јавните површини во Струмица.

„На сите ќе ни остане задачата тоа да го чуваме и негуваме заради тоа што претставува богатство и убавина на градот Струмица, но и да испратиме порака, пред се до младите генерации, да се вклучат колку што е можно повеќе во создавањето на зелените површини. Цел е да го озелениме нашето секојдневие во животот и преку тоа да продонесеме кон поздрава и поквалитетна животна средина’’ рече градоначалникот Заев.

Овој проект го реализира ЕД „Планетум“ кој од 84 апликации се најде меѓу четирите кои добија финансиска помош од Енв-нет мрежата за герила градинарство и разубавување на јавните површини во Струмица.

-Европската Унија препознала некои вредности кои што треба да се случат во општина Струмица. Македонија аплицираше со 84 проекти, а на регионално ниво, Босна, Црна Гора, Македонија, Албанија, Турција, Србија и Италија имаше вкупно 138 и ниту еден од партнерите не кажа не, за овој проект. Но, најбитен сегмент во целиот овој проект беше поддршката на општина Струмица и на градоначалникот, Зоран Заев, секако и на локалните јавни претпријатија, но најголемо задоволство е да се видат младите луѓе како ја создаваат својата зелена иднина, рече Душко Христов од Енв.нет мрежата.

ЕД „Планетум“ го спроведува проектот „Биди зелен, биди дел од герила градинарски тим’’ од мај месец, а истиот е финансиран од Евн – нет мрежата.

Во наредниот период планирано е озеленување на уште две јавни површини – пред ученичкиот дом „Димитар Влахов“ и централниот регистер.

Comments are closed.