Градоначалникот Заев:За Струмица е чест што е сертифицирана општина со поволно деловно опкружување

Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, денеска учествуваше на втората национална конференција на тема „Сертификација на општини со поволно деловно опкружување во Југоисточна Европа“ која што се одржа во Скопје. Општина Струмица е една од двете општини кои минатата година за прв пат во Република Македонија, успешно ги исполнија сите критериуми и се здобија со Сертификат за деловно опкружување во Југоисточна Европа. Токму поради тоа, градоначалникот Заев, денеска ја имаше честа пред поголем број претставници од јавниот и приватниот сектор да ги презентира позитивните искуства и придобивките од сертификацијата на општината.

 

Интегрален текст од обраќањето на градоначалникот, Зоран Заев.

За Струмица претставува чест што е една од општините што имаат искуство од имплементирањето на бизнис сертификати, сертифицирана општина, составен дел на оваа мрежа во Jугоисточна Европа. Општина што денеска може да ги сподели искуствата, апсолутно позитивни, од тоа да се биде дел од оваа мрежа.

Прво, навистина претставува препознатлива чест да се биде дел од таа мрежа, затоа што ефектите се чувствуваат и во Велес, но секако и во Струмица, од потенцијални инвеститори кои што се заинтересирани за нашиот регион. Како странски инвеститори, доаѓаат по правилото на самата мрежа да ги посетат општините кои се членки во овој регион. Дефинитивно однапред знаат и препознаваат дека одредени критериуми веќе се апсолвирано прашање во овие општини кои што се сертифицирани како поволни бизнис дестинации. Тоа само по себе ја олеснува целата постапка. Што навистина е реткост во време на глобална финансиска криза, во време на недоволно охрабрување на регионот за инвестиции, без разлика дали се тоа домашни или странски инвестиции. Ваквото препознавање претставува плус за општините кои се вклучени во таа борба, кој повеќе ќе привлече домашни или странски инвестиции. Заради конечната цел, се разбира, отварање на нови работни места и задржување на младите овде во нашата земја.

Искуствата во практични примери јас би ги споделил во периодот од кога сме сертифицирана општина. Во Струмица инвестиционата активност се одвива во едно позасилено темпо, од аспект на тоа што 5 компании веќе, покрај тоа што се сопственици на земјиште, добија одобрение за градба, за производствени капацитети, 7 се во постапка за добивање на одобрение за градба, а уште 11 купија парцели и се надеваме во најскоро време ќе се појават со постапките за добивање на одобрение за градба. Сите овие компании имаат проектирано некаде околу 1.300 нови работни места кои што се значајни и драгоцени за Струмица и за целиот овој регион во Р.Македонија. Голем дел се домашни компании, и тоа е добро, заради тоа што и домашните компании се секојдневно со нас споделувајќи ги сите наши аспирации на олеснување на целата постапка.

Самите критериуми кои што моравме да ги исполниме, во периодот на добивање на сертификатот, не направи уште поефикасни, уште побрзи, уште повнимателни. Така да денеска на секој инвеститор има добиени по еден од младите економисти во делењата за локален економски развој. Тој покрај административните работи пред општинските институции ги завршува во нивно име и за нивна сметка. Исто како и пред државните институции.

Многу често ние сме тие кои во нивно име преговараме во банките обидувајќи се влијанието на општината да го наметнеме за да им олесниме. Ако се во графата до 8% каматни стапки, се обидуваме да се изброиме да добијат 7,5% или 7% каматна стапка. Бидејќи целосен сервис, користејќи го тоа што претставува општо добро за сите, општинското влијание е еден вид етичка гаранција или ветерот во грб кој што треба да се даде на почетокот на самата инвестиција. Знаете дека денеска не е доволно да се има само поволна цена на земјиштето, ниски комуналии. Бизнисмените водат грижа апсолутно за се. Дали е пристапот до електричната енергија близу достапен, општините овде не се надлежни, но од нас се очекува тука да помогнат, во комуникација со јавните претпријатија. Истовремено од нас се очекува и да убрзаме одредени процеси пред државните институции или да помогнеме за било какво неочекувано прашање кое што претставува проблематика на бизнисменот. Тој донел храбра одлука да најверојатно го стави сето она што го има под хипотека , да земе кредит и да инвестира, од кое што пред се благодет ќе има заедницата во која што живееме.

Јас сум убеден дека сертификацијата на четирите општини ќе има силно влијание врз таргетот кој што нашата земја го има, забрзан економски раст и развој и колку што може повеќе инвестиции. Убеден сум дека колегите градоначалници, но и нивните администрации ќе придонесат силно на привлекувањето на, пред се домашни, но секако и на странски инвестиции.

Географската положба на нашата земја е одлична, ресурсите ни се поволни, имаме квалитетна и едуцирана работна сила, да се потрудиме и во ова големо време на миграции на капиталите, барајќи секако поволни трошоци на работењето на бизнисмените на цела Европа, Југоисточна Европа, пред се да бидат лоцирани токму во нашата земја.

Јас се надевам дека ефектите ќе се почуствуваат многу брзо во сертифицираните општини кои што денеска имаат одлична можност да го добијат сертификатот, а со тоа благодетот да го има и цела наша држава Република Македонија.

Comments are closed.