Градоначалникот Заев имаше средба со делегација од Швајцарија

Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, денеска во својот кабинет  ги прими претставниците на хорот „Хармони де Кампањ“, на македонското добротворно друштво „Македонија“ и претставници на политичката и деловната заедница на Ешалан од Швајцарија. Иако се сретнаа за прв пат, средбата помина во опуштена и пријателска атмосфера која започна со споделување на впечатоците од синоќешниот концерт на хорот.

-Јас, како градоначалник и моите сограѓани кои присуствуваа на концертот, сме воодушевени од настапот на хорот, посебно од изведбата на македонските песни. Од сега, вратите на Струмица се секогаш отворени за вас. Швајцарија е голем пријател на нашата држава. Почнавме од културата, но јас верувам, дека ова пријателство кое го втемелуваме денеска, ќе биде одлична можност за соработка и во останатите области и ќе расте и на други нивоа, рече градоначалникот Заев.

И претставниците на Ешалан изразија огромно задоволство од гостопримството на градоначалникот и на струмични.

-Почестени сме со приемот во вашиот кабинет. Јас сум градоначалник на општината од каде што доаѓа хорот, тоа е мала општина која има илјада жители. Ние сме воодушевени од посетата на Македонија, посебно на Струмица и се чувствуваме прекрасно затоа што овие средби се реализираат преку културата, што значи таа не спојува и ќе биде темел и на другите видови на соработка кои што ќе ги воспоставиме во иднина, рече Жан Лук Безенсон, градоначалник на Ешалан и пратеник во кантоналното собрание.

На средбата се разговараше за сличностите и разликите меѓу Ешалан и Струмица, посебно за земјоделството, бидејќи и двата региона се познати по земјоделското производство, а се разгледуваа и можностите за идна соработка.

Comments are closed.