Турново со гостинска победа против Ренова

Фудбалерите на Турново во осмото коло славеа со резултат од 2:3 на гостувањето кај Ренова. Најденов во 39 минута го отвори резултатот за водство на гостите од 0:1. Во 45 минута Турновци останаа со играч помалку на теренот, откако Стојчевски заработи црвен картон. Во второто полувреме по два пати се тресеа и двете мрежи. Кочоски во 47 минута погоди за водство на Турново од 0:2.

Во 60 минута Бујчевски го намали водството на гостите на 1:2. Четири минути подоцна стрелецот на првиот погодок за Турново, Најденов заработи црвен картон, со што гостите останаа со два играчи помалку на тревникот. Вареловски во 74 минута го зголеми водството на 1:3 за Турново. Конечните 2:3 ги постави Рамадани со погодокот во 94 минута.

Турново со оваа победа се искачи на третата позиција со 13 бодови, но колото се комплетира утре што значи Турновци можат да завршат на шестата позиција. Ренова по поразот од Турново се наоѓа на осмото место со 9 бодови. Лидер и понатаму останува Вардар кој што денес славеше со 0:2 во дуелот со Работнички.

На дното од табелата и понатаму е Тетекс со 2 бода и едно место погоре односно на деветото место Брегалница со три бодови. Во следното коло фудбалерите на Турново на домашен терен силите ќе ги одмерат со актуелниот шампиони Работнички.

Автор: Александар Ванев

Comments are closed.