Струмичките земјоделци најавуваат протест поради неисплатени субвенции

Надлежните да излезат и јавно да кажат кога ќе ги добиеме парите по основ на субвенции за 2012, 2013 и оваа година. Вака реагираа дел од струмичките земјоделци кои се собраа пред Министерството за земјоделство во Струмица за да го изразат својот револт и по админситративен пат да бараат одговор, пренесе 24 Вести.

Митко Тошев од Самоилово се уште ги нема добиено субвенциите за осумте глави крави од минатата година.

Слична судбина има и Аце Милчев од Смоларе. Но тој деновиве добил известување дека заради некомплетна документација нема да ги добие субвенциите за пчелните семејства од 2012 година.

Земјоделците преку Сојузот на синдикати денеска побараа исплата на заостанатите субвенции без поделба на подобни и неподобни. Земјоделците од струмичко најавија и можни протести доколку не ги добијат субвенциите.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираа дека доцнењето е заради изборниот законик од оваа 2014 година кој создаде дисконтинуитет во исплатата на субвенциите за што своевремено укажале и Министерството и Агенцијата за финансиска подршка. Потсетуваат дека Владата редовно ќе врши исплата на субвенциите каде проверката ќе утврди исполнетост на сите услови од страна на земјоделците согласно важечките законски одредби.

Comments are closed.