Се интензивираат активностите за изградба на пречистителната станица за отпадни води

Во Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ се интензивираат активностите за изградба на пречистителната станица за отпадни води на  Струмица. За сите технички активности веќе е ангажирана фирмата „Нирас“ од Данска која ги почна подготовките за изработка на физибилити студијата. Во изминатите денови, се работеше на терен, односно, се вршеше снимање на канализацијата, врз основа на што ќе се изработи хидраулички модел на истата, а за потребите на физибилити студијата. Овие подготвителни активности ќе бидат финансирани со средства од ИПА фондовите на Европската Унија, исто како и изградбата на пречистителната станица, за која што веќе се одобрени средства во износ од 9,8 милиони евра.

-Ако се оди по планираното, некаде до март – април наредната година, треба да завршат активностите со подготовката на техничката документација, после тоа се подготвува тендерската документација, а потоа се оди со апликација до ЕУ. Овие пари за Струмица се веќе одобрени, меѓутоа, за да се доделат, проектот што го подготвува консултантот, треба да биде и технички и финансиски издржан. Планирано е со градежните активности да се започне кон крајот на 2015 и почетокот на 2016 година. Пречистителната станица ќе ги опфаќа отпадните води од градот, индустријата и најголемите селски населби во општина Струмица, рече Андреј Тошев од ЈПКД „Комуналец“.

Пречистителната станица е проект кој подолго време чекаше за реализација и покрај големата желба и упорноста на локалната власт да го реши проблемот со фекалните води. Камен темелникот во близина на населеното место Сачево беше поставен пред дваесетина години, по неуспешниот референдум во 1995 година, изградбата на пречистителната станица се најде во приоритетните планови на Пактот за стабилност и преку грант од  грчката влада требаше да се обезбедат 4,8 милиони евра, но со години потоа Грците не дадоа ниту денар од неповратните средства за реконструкција на Балканот.

Comments are closed.