Општина Струмица ќе ја одбележи „Европската недела на мобилност“

Општина Струмица е вклучена во проектот “Европска недела на мобилност – Нашите улици, наш избор“ кој ќе се реализира од 16 до 22 септември. Се работи за проект на ЕУ кој секоја година се спроведува преку кампањи за одржливост на мобилноста во урбаните средини. Целта на кампањата е да се воведат и промовираат нови алтернативни мерки за транспорт кои ќе бидат одржливи и ќе придонесат кон намалување на загаденоста на животната средина и подигање на свеста кај граѓаните за употребата на автомобилите и намалување на штетните емисии на гасови во воздухот.

За таа цел, Општина Струмица ќе спроведе неколку активности во периодот од 16 до 22 септември, со што посебен акцент се става на 22 септември – Ден без автомобили, кога ќе се затвори една сообраќајница во градот за движење на велосипедисти, пешаци или јавен транспорт. Со тоа ќе се упати порака дека автомобилите треба да се користат одговорно, со избирање на „паметен” начин на транспорт, што би значело да се користат предностите на современиот урбан начин на живеење и да се овозможи зачувување на почиста животна средина, редуцирана бучава, подобрено здравје и заштеден семеен буџет. Активностите кои ќе бидат спроведени се однесуваат на мерките, пристапност до јавен транспорт, пешачење и возење велосипед.

Утре, (16.09.2014 година) со почеток во 11 часот, а во организација на одделението за Локален економски развој при општина Струмица, во малата сала на поранешниот дом на АРМ, ќе се одржи презентација на тема „Пристапност до јавен транспорт и мобилност“, а потоа ќе се одржи состанок со НВО секторот од социјалната сфера, каде лицата со посебни потреби ќе дискутираат со претставниците од јавните институции и претставниците од општина Струмица за проблемите со кои се соочуваат овие лица и кои мерки треба да се преземат за подобрување на мобилноста на овие лица.

Општина Струмица ги поканува граѓаните да бидат дел од активностите и настаните кои ќе се спроведат во периодот од 16 до 22 септември за заеднички придонес во подигањето на свеста за важноста на одржливата мобилност во урбаните средини и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.

Comments are closed.