Седумдесет години од ослободувањето на Струмица се прослави со низа свечености

Струмица денеска слави 70 години од ослободувањето од фашистичкиот окупатор. Одбележувањето започна во раните утрински часови кога струмичани ги разбуди симултан – импровизиран напад на градот од припадниците на АРМ, а од 11 часот во Домот на АРМ се одржа свечена академија по повод јубилејот.

 „ Го празнуваме денот на ослободувањето на нашиот град, не само поради неговото значење за целокупниот историски споменар на Струмица, туку и поради фактот дека денешна Струмица можеби не ќе беше таква каква што е, да не се случеше тој 11 септември 1944 година. Секогаш треба да си спомнуваме за да не се заборави, дека од Струмица и струмичко во НОБ учествувале 3800 борци, од кои 75 ги положиле своите животи во виорот на војната, повеќе од стотина биле жртви на фашизмот, а 58 останале воени инвалиди. Струмица даде двајца народни херои и 11 носители на партизанска споменица од 1941 година. Овој светол ден не бара премногу од нас. Бара само должна почит, внимание кое го заслужува и рамноправен третман со другите значајни датуми од нашата богата историја’’ – помеѓу останатото изјави во денешниот говор градоначалникот Зоран Заев во Домот на АРМ.

 По свечената академија, пред Споменикот на револуцијата преставници на институциите, Општина Струмица, училиштата, политичките партии и Сојузот на борците положија свежо цвеќе додека децата од Домот за деца и млади од „Благој Јанков Мучето’’ засадија дрвце на другарувањето во Алејата на младите во Градскиот парк.

 Свеченото одбележување продолжува и вечерва во 20:30 часот со изложбата на дела од овогодишната Меѓународна струмичка ликовна колонија во Центарот за култура „Антон Панов’’.

Comments are closed.