Никна споменикот на Гоце Арнаудов во градскиот парк

Синоќа свечено се отвори споменикот на Гоце Арнаудов во малиот парк во Струмица. На отворањето беа присутни звучни имиња од македонската естрада, градоначалникот на Струмица, Зоран Заев како и многу сограѓани и љубители на музиката на музичката легенда.

„Го знам Гоце од мали нозе. Тогаш не беше познат. Беше скромен, но во него гореше темперамент. Беше професионалец. Пејачиште! Беше и добар другар“, со солзи на очите рече Ванчо Тарабунов.

На церемонијата се пееја многу гоцеви песни кои сите ги знаеме и ќе ги пееме уште долго. Се прикажа и мал дел од неговите настапи и успеси. Многу струмичани потпејнуваа со музичарите.

„Јас ќе го памтам по песната „ Ех да беше стрела песната“ и нејзиното настанување. Таа песна немаше текст до пет дена пред настапот на фестивал. Ми се јави Гоце, и кога ме праша дали имам текст и му кажав дека ќе е најубав, само ми кажа дека и да ја пее со „на на на“, пак ќе победи, но сепак му треба текст“, се сеќава Ѓорги Барбаровски.

Споменикот е дело на Митко Тошев е целиот проект е поддржан од општина Струмица. Споменикот го открија уметникот Митко Тошев, Зоран Заев и Горан Кукиќ.

„Гоце знаеше како да ја освои публиката и како да ги добие наградите. Се што испеа стана хит. Се што испеа народот го чуствуваше за свое. Песните негови станаа дел од нашето секојдневие. Струмица имаше своја ѕвезда на земјата. Каде и да шеташе се враќаше во Струмица која ја отпеа. Таа Струмица му се заблагодарува со овој споменик ден пред неговиот роденден наспроти неговиот дом. Нека ни е вечен споменот на Гоце, како што се вечни неговите песни“, рече градоначалникот Заев.

Comments are closed.