Келнерите од регионот се натпреваруваа на Струмица опен фест

Струмичани уште еднаш потврдија дека се мајстори за забави и знаат да уживаат во нив. Така беше и синоќа на градското корзо, каде во рамките на „Струмица опен фестивал 2014“ се одржа трка на келнери во која келнерите од регионот си ги одмеруваа вештините и брзината. Беше тоа тричасовен натпревар во кој уживаа и натпреварувачите и посетителите.

Најдобрите и во машка и женска конкуренција беа наградени, првопласираните добија чек на 15.000 денари, второпласираните по 10.000 денари а учесниците кои ги освоија третите места добија викенд за двајца. Наградите ги врачија градоначалникот Зоран Заев и претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов.

И додека на градското корзо се натпреваруваа келнерите, во амфитеатарот посетителите уживаа во звуците на хармониката на Атанас Диновски и пријателите.

Фестивалските содржини продолжуваат и вечерва. Во малиот градски парк ќе се одржи аукција на делата создадени на ликовната колонија која беше отворена во рамките на фестивалот, во амфитеатарот ќе биде промовирана книгата „Уа и Ура“ на Ѓорги Калајџиев, а веднаш потоа следува настапот на џез квартетот.

Инаку, на градскиот плоштад веќе се монтираат шанковите и се подготвува сцената за настапите на македонските и балканските музички ѕвезди кои ќе започнат утревечер, а ќе завршат в недела.

Comments are closed.