Жителите на Муртино и Просениково уживаа во понудата на Струмица опен фестивал

Општина Струмица подеднакво се грижи за граѓаните на градот и населените места. Токму поради ова во населените места Муртино и Просениково синоќа се одржаа поп рок концерти во рамките на  на третото издание на „Струмица опен фестивал 2014“.

Пред домот на културата во Муртино и на игралиштето во Просениково се собраа голем број посетители од сите возрасни групи за да го проследат настапот на групите „Дикато“, „Нексус“ и „Пицикато“, со што потврдија дека организациониот одбор на фестивалот го направил вистинскиот избор со донесувањето на одлуката дел од фестивалските содржини да префрли во населените места. Двата концерта ги започнаа најмладите, учениците од ООУ „Маршал Тито“ од Муртино и ООУ „Герас Цунев“ од Просениково. На учениците од Просениково им се придружија и дел од членовите на ансамблот „Тримери“ од Струмица.

Меѓу жителите на Муртино и Просениково беа и градоначалникот Зоран Заев со сопругата и дел од членовите на Советот на општина Струмица.

И додека во овие населени места се одржуваа поп рок концерти, покрај езерцето во големиот градски парк во Струмица се одржа вечер на поезијата. Љубителите на убавиот пишан збор, буквално уживаа, некои стоеа, дел од нив седеа на тревата, но сите заедно го впиваа секој кажан збор на поетите, надополнет со прекрасните звуци на виолините.

И вечерва поетите повторно ќе се соберат покрај езерцето, во малиот градски парк ќе се одржи промоција на книга на Роза Мојсовска, во амфитеатарот ќе се соберат љубителите на театарската уметност, а на градскиот плоштад „Гоце Делчев“ ќе се одржи концерт на лицата со телесен инвалидитет.

Comments are closed.