Започна „Струмица опен фестивал 2014’’

Со настапот на членовите на студиото за модерен балет „Газели“ и финалистите од детскиот фестивал „Јо – јо’’, вчера започна третиот „Струмица опен фестивал 2014’’.

Покана до струмичани и граѓаните од Македонија кои сакат да уживаат во единаесетодневниот фестивал во кој ќе се случат 28 културно – забавни настани, вечерва упати градоначалникот Зоран Заев. „Овој наш, струмички фестивал е поразличен од било кој фестивал во Македонија, затоа што во него се вградени сите аспекти на културата и уметноста што ги познава Македонија. Нудиме вечери на поезијата, на театарот, на филмот, на афоризмот, промоција на книги, концерт на лица со телесен инвалидитет, ревии на носии и многу други, а секако и отворени музички сцени со настапи на изведувачи од сите музички жанрови од домашната и странската естрада. Новина е што овој пат и во две населени места, во Просениково и Муртино, во недела ќе имаме поп концерти и сето ова заедно ќе го направи овогодишното издание на струмичкиот фестивал посебно. Настаните ќе се одржуваат овде на градскиот плоштад, во големиот и малиот парк, во амфитеатарот, покрај езерцето и на други локации на територијата на општина Струмица, каде ќе понудиме незаборавни моменти за сите оние кои ќе дојдат да го посетат фестивалот.’’ – изјави Заев.

Во безбедносната мерка се вклучени се сите општински и државни институции, а како што вели градоначалникот, се очекува фестивалот да го посетат преку 200 илјади луѓе.

Comments are closed.