Струмица игра на хаус звуци – Струмица опен фестивал

Новитетот во годинешната програма ја допира темата електронска музика. Струмица треба да докаже колку знае да игра на хаус звуците заедно со Strumica house crew (Ted Dettman [Pata Pata Recordings/Abzolut/Bosphorus Undeground], DJ Cige, DJ Martin Dimov, DJ Miki Jaksic, DJ De Lay и DJ Boyan Hadji [Ninefont, m.m.m.l.]) и легендарниот Мирко Попов познат и како БП.

За него важна е и Прогресивната Мултимедијална Група (PMG Collective) чијшто водач е. Во првата половина на 90-тите години од минатиот век ПМГ се едни од пионерите кои го внесуваат електро звукот на подиумите низ Скопје и другите градови во Република Македонија.

Освен вртењето плочи, Попов е и уредник на неколку емисии што се емитуваат на скопското радио „Канал 103“, како и продуцент на електронска музика во склоп на ПМГ.

PMG Kolektiv е звукот на модерно Скопје. Автентична сонична линија, која се развива и менува повеќе од 15 години. Звук, препознатлив по сировиот танцов раб, но и уникатна, речиси поп мелодичност. Љубов и пријателство кои досега резултираа со 13 изданија (од кои 5 албуми) и голем број ремикси, неколку македонски, но и европски турнеи.

Актуелната инкарнација на бендот е мошне авантуристички спој на тврди, танцови електронски ритмови, со живи инструменти и секако вокали. Совршена комбинација за луѓето кои сакаат да си отпејат понекој интелигентен поп рефрен додека играат на подиум. Бендот моментално работи на својот 6-ти албум, со работен наслов ExYou.

PMG Kolektiv настапува во живо, во следниот состав:

  • Мирко Попов (машина, вокали)
  • Синиша Евтимов (гитари)
  • Теа Шалдева (вокали)
  • Александар Гавровски (бас)

Comments are closed.