Противпожарната единица во Струмица доби камера за урбано пребарување

Територијалната професионална противпожарна единица на Струмица се поднови со камера за урбано пребарување. Камерата е донација, доделена  во рамките на операцијата Флорин на Обединетото кралство, со која струмичката противпожарна единица има повеќегодишна успешна соработка.

-Дел од струмичките пожарникари во два наврати беа во посета на Центарот за обука во Манчестер и учествуваа во натпреварот за спасување на жртви или повредени при сообраќајни незгоди, а во кој струмичкиот тим го освои првото место на овој прв натпревар од таков карактер на Балканскиот полуостров. Како добро покажани на натпреварот и искуствата што ги стекнавме и резултатите што ги постигна струмичкиот тим во Обединетот кралство, добивме донација, камера за урбано пребарување. Повеќе би сакал оваа камера да ја користиме за едукација на пожарникарите која ќе почне од месец септември и во теоретски цели, а никако во реални ситуации, затоа што истата се употребува за урбано пребарување во случај на елементарни непогоди, како што се земјотресите и поплавите, потоа за барање на исчезнати лица, повредени и починати лица. Истата може да се користи и при големи  хаварии во индустриски капацитети каде што пожарникарите се изложени на опасни материи. Ја користам приликата да се заблагодарам на операција Флорин, бидејќи оваа е една од ретките камери која ја има во Македонија, ваква камера има единицата во Тетово и Дирекцијата за заштита и спасување, сега и противпожарната единица во Струмица, изјави Мијалче Крстев командир на ТППЕ во Струмица.

Comments are closed.