Се интензивираат подготвките за најголемата културно – забавна манифестација „Струмица опен фестивал“

Иако до стартот има уште дваесет дена, општина Струмица ги интензивира подготовките за најголемата културно – забавна манифестација „Струмица опен фестивал“. Во подготовките се вклучи и Одделението за инспекциски работи при локалната самоуправа. Според најавите, комуналната инспекција ќе изврши контроли на санитарните јазли на јавните објекти, на површините околу јавните објекти, градскиот парк, на улиците и тротоарите ќе се проверува состојбата со хаварисаните и нерегистрираните возила, а ќе се зголеми и нивото на хигиената по улиците и тротоарите од страна на Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“.

Целта на овие подготовки е општина Струмица како и во минатите две години, така и оваа, да се потврди како добар домаќин за многубројните посетители кои се очекуваат во деновите на одржувањето на фестивалот.

Инаку, третото по ред издание на „Струмица опен фест“ ќе се одржи од 7 до 17 август, во чии рамки на десет културно – уметнички сцени ќе се случат  28 настани.

Традиционално, последните три денови од фестивалот, а за кои постои најголем интерес, се резервирани за главната музичка програма. Меѓу учесниците се Бајага и инструктори и Кирил Џајковски чиј настап е закажан за 15 август, бендовите на САРС и Амадеус на 16 август и најголемата балканска ѕвезда, Здравко Чолиќ ќе настапи на 17 август, или вкупно 15 изведувачи од земјата и странство ќе настапат во музичкиот дел на фестивалот.

Фестивалот го организира здружението „Културен забавен живот“ со поддршка на општина Струмица и градоначалникот, Зоран Заев.

Comments are closed.